AMD Strela

 

Се одржа манифестацијата „Детски семафор“

Се одржа манифестацијата „Детски семафор“
Објавено на: 11 May 2019

Во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а со поддршка на општина Струмица, денеска, се одржа традиционалната сообраќајно воспитна манифестација „Детски семафор“. На натпреварот учествуваа 30 ученици од основните училишта на општина Струмица, поделени во две возрасни групи.

Поздравувајќи ги учесниците во натпреварот и гостите, Миле Стојменов, член на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата рече дека безбедноста на децата и младите во сообраќајот претставува приоритет на сите општествени чинители, а постојаната сообраќајна едукација и промената на навиките и културата на однесување во сообраќајот се главните инструменти за унапредување на сообраќајната превенција за намалување на бројот на загинати и повредени деца и млади во сообраќајни несреќи.

-Сообраќајните натпревари на учениците од основните училишта имаат за цел пошироко да ги ангажираат учениците за стекнување и проширување на знаењата од областа на сообраќајно-техничката култура, како завршен дел од работата на сообраќајно-техничкото образование и воспитание на учениците изведена низ редовните наставни содржини и воннаставни активности, додаде Стојменов.

Според пропозициите за натпреварот, учесниците во првиот дел се проверуваа теоретски, преку компјутерска апликација во тест на знаење, со решавање на прашања за ситуации на раскрсници и познавање на сообраќајни знаци во просториите на ООУ „Сандо Масев“, а потоа во вториот дел го изведуваа вештото возење со велосипед на плоштадот „Гоце Делчев“

Првото место во малата група (машки) го освои Симеон Цунев, второто Столе Качуров и третото место Осман Томе. Во истата група (женски) првото место и припадна на Кристина Борисовска, второто на Мартина Азманова и третото на Вероника Василева.
Во големата група (машки) најдобри резултати постигна Бранко Партинов, второто место го освои Васко марковски и третото Димитар Костадинов. Кај девојчињата во големата група, првото место го освои Снежана Јованова, второто Драгица Патарова и третото Нимета Томе.

Учениците со најдобри резултати ќе ја сочинуваат општинската екипа која што ќе учествува на регионалниот натпревар.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK