AMD Strela

 

Во Струмица се одржува меѓународна конференција за рамномерен регионален развој во Југоисточниот регион

Во Струмица се одржува меѓународна конференција за рамномерен регионален развој во Југоисточниот регион
Објавено на: 06 Jun 2019

Во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, во хотелот „Сириус“ се одржува дводневна Меѓународна конференција за рамномерен регионален развој во Југоисточниот регион.
Во своето обраќање, градоначалникот Коста Јаневски, кој е претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, истакна дека конференцијата има есенцијално значење за понатамошниот развој на овој регион.

-Имајќи ги во предвид спецификите на Југоисточниот регион, чинам дека е повеќе од неопходно максимално да ги ползуваме предностите на истиот, а да работиме на минимизирање на слабостите со кои овој регион се соочува. Во таа смисла на апострофирање на предностите, значајно е да се спомене дека ниту еден друг регион во нашава земја не ја има предноста на опкружување што ја има Југоисточниот регион, кој е единствениот што гравитира со две земји членки на Европската Унија. Ако се знае дека првата сесија од оваа конференција се однесува токму на регионалниот рамномерен развој во процесот на приближување кон Европската унија, тогаш е повеќе од јасно дека на овој план може да понудиме квалитетни решенија и ангажмани кои ќе бидат од голема полза за овој наш регион, но и за државата воопшто, рече Јаневски.

За раководителката на  Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова,главна цел на конференцијата е подигнување на свеста за рамномерниот регионален развој.

-Десет години напорно работиме, но очигледно е дека треба уште многу да се направи. Целта ние е да се намалат диспаритетите и да се направи овој регион подобро место за живеење.Тоа ќе го направиме со развој на сите области, како што се инфраструктурата, туризмот, младите и образованието, заштитата на животната средина, но и да го слушнеме искуството од нашите колеги од Бугарија, рече во своето обраќање Жулиета Ѓуркова, раководителка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Државниот секретар во министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов истакна дека во мандатот на оваа влада средствата за поттикнување на рамномерен развој се зголемуваат секоја година. Во 2019 година овие средства се зголемени во однос на буџетската 2017 година скоро двојно и изнесуваат скоро 423 милиони денари, односно 7 милиони евра и тенденција е овој тренд да продолжи и во наредните години.

Конференцијата се организира во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиран од страна на министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

 

 

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK