AMD Strela

 

Томи Печков:Осмото издание на СОФ ќе биде во знак на спортот, културата, уметноста и музиката

Томи Печков:Осмото издание на СОФ ќе биде во знак на спортот, културата, уметноста и музиката
Објавено на: 08 Jun 2019

Интегрален текст од обраќањето на Томи Печков, претседател на КЗЖ на прес конференцијата пред почетокот на Осмото издание на Струмица опен фестивал

Добредојдовте на прес-конференцијата за новото, oсмо издание на проектот Струмица ОПЕН фестивал во организација на здружението Културен забавен живот, a под покровителство на Општина Струмица. Одбројуваме нешто повеќе од 24 часа пред почетокот на долгото струмичко спортско и културно-уметничко лето. Ја користиме оваа прилика, преку вас медиумите, да ги споделиме деталите од овогодинешната програма со струмичката и целата македонска јавност.

Осмото издание ќе биде во знак на спортот, културата, уметноста и музиката. За првпат Струмица ОПЕН фестивал ќе трае три месеци, односно 10 недели. Во тој период ќе се одржат вкупно 27 настани на рекордни 13 локации во Струмица и околината. Изминатите два месеци константно беа објавувани информации за содржините кои ќе бидат дел од изданието под мотото „ритамот на градот“. Дозволете, уште еднаш да потсетиме кои настани ќе бидат дел од програмата и да ги акцентираме најважните информации поврзани со СОФ 2019.



Во недела, 9 јуни со почеток од 19:00 часот од ул. „Ленинова“ повеќе од 400 рекреативци и атлетичари ќе трчаат по струмичките булевари на вториот полумаратон „Струмица на улица“. Важно е да потсетиме и потенцираме дека по повод спортското отворање на СОФ 2019 сообраќајот ќе се одвива по времен режим.

Наредниот ден, на 10 јуни со почеток од 19:00 часот случувањата се селат на урбаната сцена на кошаркарското игралиште на СОУ „Јане Сандански“. На настанот Street Summer Jam не очекува детско катче, танцови битки за деца и јуниори, street shop, креативни работилници, графити артисти. На истата локација од 11 до 13 јуни ќе се одржи турнирот во Street Basket на кој ќе се натпреваруваат 16 екипи за награден фонд од 40.000 денари. Неколку компании обезбедија награди и за публиката, а настанот ќе биде придружен со DJ Tom, DJ Попај и концерт на Дивизија.    

Четвртиот настан од програмата е новитет за СОФ и општо за спортот во Струмица. На 17,19 и 21 јуни со почеток во 19:00 на делот од градскиот парк наречен Езерце ќе се одржат уникатни, бесплатни и групни аеробик тренинзи заедно со професор Елена Илков од Go FIT.

Спортската програма продолжува на 23 јуни со СОФ вело тура како иницијатива за создавање нова велосипедска патека на клубовите ВК „Актив“ и ЗСК „Југоисток“. Турата ќе биде рекреативна и ќе се движи по патот Банско-Борисово.

На 25 јуни, дел од СОФ ќе биде велосипедската и пешачката тура до Цареви кули на настанот Ноќни патеки. Ноќното искачување ќе започне во 19:30 часот во малиот градски парк.

Спортскиот месец ќе заврши со четвртото издание на Мистериите на Беласица, на 29 и 30 јуни.

Годинава, големиот јубилеј 10 години постоење на струмичката „Трка на келнери“ ќе биде одбележат со нови трки и предизвици за келнерите на плоштадот „Гоце Делчев“ на 8 јули. Пријавувањето на учесниците е во тек.

Традиционалната вечер на поезија ќе биде на Езерцето на 15 јули со почеток од 21:00 часот. Гостин-поет ќе биде Владимир Мартиновски. На истата сцена, на 17 јули ќе се одржи и вечер на афоризми со: Сандра Петковиќ, Атанас Крлевски, Љупка Цветанова, Ристо Филчевски, Ѓорги Панов и Ацо Ѓоргиев.

На 19 јуни закажана е забава со диџеите Todorof, Astra-ion project и Bang la Decks на првото издание на Strumica street festival на градското Корзо. Наредниот ден, на 20 јуни ќе се одржат два настани и тоа: Board Games Day во дворот на СОУ „Јане Сандански“ и концерт на лица со телесен инвалидитет Мобилност на платото пред НУЦК „Антон Панов“.

Дел од програмата ќе биде Летната игранка со Red Hot Chilli Peppers Tribute бенд кој ќе настапи во Струмица на 21 јули од 22:00 часот.

22 и 23 јули ќе бидат резервирани за филмски проекции на неколку анимирани филмови од домашни режисери и проекција на филмот „Господ постои, името и е Петрунија“. Филмските вечери ќе се одржат на Езерцето со почеток од 22:00 часот.

Културно-уметничката програма во месец јули ќе заврши на 29-ти од 19:00 часот пред Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ со летна ликовна работилница.
Во средината на месец август Струмица ќе пулсира во ритамот на 40 артисти од Македонија и странство. Ќе бидат активирани двете музички сцени и тоа: мала сцена „Чешмичка“ од 9 до 15 август и голема сцена плоштад „Гоце Делчев“ од 16 до 18 август. 

Би сакал уште еднаш да испратам покана до сите граѓаните на Струмица, како и граѓаните од другите градови од Македонија и странство да ги бодрат учесниците кои се натпреваруваат на СОФ, да ги поддржат уметниците кои ќе ги прикажат нивните таленти на разновидните настани за сите возрасти и да учествуваат на бесплатната програма. Во досегашните седум изданија фестивалот го посетија приближно 900.000 посетители, над 600 изведувачи на над 170 реализирани настани. Исто така, ги замолуваме граѓаните на Струмица во периодот на одржување на фестивалот од 9 јуни до 18 август повторно да ја покажат и докажат својата гостопримливост, да ги почитуваат правилата и мерките за претпазливост посочени од организаторот и да уживаат во богатата програма.

Здружението „Културен забавен живот“ заедно со сите институции засегнати за успешна реализација на настаните ќе вложат големи напори за непречено одвивање на настаните. Ја користам приликата да изразам голема благодарност до целиот тим на СОФ за вложениот труд и јасна визија за создавање програма која значително ќе ја збогати понудата на настани во нашиот град. Секоја година, особено важен и непроценлив дел за успешен фестивал е придонесот и заложбите на општинските екипи од Јавното претпријатие „Комуналец“ и Јавното претпријатие „Паркиралишта“.

 

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK