AMD Strela

 

Пет години од хеликоптерската несреќа кај Струмица

Пет години од хеликоптерската несреќа кај Струмица
Објавено на: 10 Jul 2019

Наместо потсетување:текст од 12 јули 2014 година објавен во тогашен „Утрински весник“

Во средата навечер во 22 часот сите патишта во Струмица водеа кон Индустриската зона „Север“. Црниот чад кој се издигаше од излезот на Струмица кон Радовиш навестуваше дека нешто навистина црно се случило. Веста за урнувањето на хеликоптерот се прошири со молскавична брзина низ градот, а од „Ракиџискиот мост“  до местото на страотната несреќа река од радознали струмичани брзаа да видат што се случило. На неколку стотина метри од местото на несреќата се беше блокирано. Можеа да се слушнат најразлични верзии, но се поставуваа и многу прашања:Како се урнал хеликоптерот? Воен ли е или полициски? Колкумина загинале? Зарем е можно  тоа да се случи во Струмица?

Во темнината новинарските екипи се пробиваа кој како знаеше и умееше. И одеднаш, по завршувањето на асфалтот слика како од филмовите-насекаде чад, расфрлани делови од полицискиот хеликоптер, а највпечатлив беше задниот дел кој беше паднат на десетина метри позади кабината. Пожарникарите го догаснуваа огнот, завиваа сирените од полициските и амбулантните возила. Има ли преживеани? Некој во мракот викна дека еден е жив од двајцата колку што биле во леталото. Но, само неколку мигови потоа одекна страшната вест. Четворицата членови на екипажот се мртви! Нема преживеани!

Според изјави на очевидци најпрвин се слушнал силен тресок и бучава, а веднаш потоа и силна експлозија.

-Куќите се затресоа, како да имаше земјотрес. Се исплашивме и веднаш истрчавме надвор. Имаше силен пламен наоколу и веднаш се јавивме во полицијата и на брзата помош, раскажуваа видно потресени жителите од овој дел на градот.

Во многуте стопански објекти кои се сместени тука, на своите работни места биле тие што работеле ноќна смена.

-Јас бев во мојата работилница. Привршував со работата и одеднаш слушнав силен звук. Веднаш истрчав на улицата пред мене и забележав силна светлина и експлозија. Најпрвин не ми беше јасно за што станува збор, но само ненколку моменти потоа дознав дека паднал хеликоптер, вели Мирчо Петров.

Според очевидци хеликоптерот доаѓал од правец на Ново Село, а според други од правец на Куклиш. Според едни тој кружел во овој дел на градот, а според други удрил во столб од поранешен предавател на Македонското радио висок над сто метри.

-Го гледавме хеликоптерот како кружи и одеднаш се слушна силан експлозија. Удри во столбот и се урна. Ние седевме надвор и погледнавме кон хеликоптерот. Се слушаше силна бучава и одеднаш забележавме силна светлина, рекоа повеќе граѓани.

Друг граѓанин ни рече дека хеликоптерот удрил во столбот од предавателот и кога паднал се кренал голем црн пламен  од него. Тој вели дека пред да удри во столбот од хеликоптерот немало никакви светлосни знаци и изгледало како да бара помош за да слета.

- Мислам дека бараше помош да слета некаде.Цело време можеби едно седум-осум минути леташе без светло, немаше светло, рече друг очевидец.

И дел од пазарџиите на Пазарот на големо во Струмица, кој се наоѓа во непосредна близина на местото на несреќата, биле очевидци на урнувањето на полицискиот хеликоптер.

-Се слушаше пукање. Само се слушаше пау, пау... Го гледавме хеликоптерот како паѓа. Се исплашивме од експлозијата и веднаш побегнавме, раскажуваат пазарџиите кои летните ноќи ги поминуваат на пазарот во исчекување на купувачи.

Вчера само остатоците од хеликоптерот и бројните истражни екипи потсетуваа дека во средата навечер тука се случи голема трагедија. Вчераутро, околу осум часот, телата на четворицата припадници на МВР беа извадени со возило на погребална фирма и беа однесени на понатамошна постапка. По соопштувањето на имињата на загинатите, меѓу кои е и името на пилотот Драган Мицев, родум од струмичкото село Ангелци најчест коментар беше „Бог да го прости“, а судбината сакала неговиот живот да згасне во близина на родното село, кое од местото на загинувањето е оддалечено околу еден километар воздушна линија.

Aster Fest Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK