AMD Strela

 

Во Струмица одбележани двата Илиндени

Во Струмица одбележани двата Илиндени
Објавено на: 02 Aug 2019

Со полагање цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Струмица и рецитирање револуционерна поезија од рецитаторите од Рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“ беа одбележани 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ.

За значењето на двата Илиндени говореше градодоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

-Дочекавме уште еден 2 Август, а сите добро знаеме дека 2 Август не е обичен ден. Овој ден не е налик на ниту еден од останатите 364 денови во годината. Овој празничен ден е различен и од сите други празници одбележани со црвена боја во нашите календари. 2. Август е своевидно тројство на нашето празнување, затоа што денес христијаните го чествуваат Свети Илија – Громовникот, а граѓаните на нашата татковина го слават Денот на Републиката во кој свое место нашле, не еден, туку два Илиндена. Денес се слави и на „Мечкин камен“ во Крушево и во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, но и во сите македонски градови и села. Славиме и ние овде во нашата Струмица, затоа што Илинден 1903 и Илинден 1944 се дел од нашите битија и од нашето постоење. Тоа што ја испишува историјата на нашето битисување е вкоренето токму во значењето на овие два грандиозни настана. И затоа, кога одбележуваме 116 години од Илинденската епопеја и 75 години од Асномската државотворност, треба да бидеме среќни, одважни и горди на нераскинливоста на двете „состојки“ кои ја сочинуваат есенцијата на нашата лична и колективна идентификација. Денес, повеќе од потребно е да си подадеме рака и да бидеме единствени во нашето патување низ новото време прифаќајќи ги сите предизвици кои ги носи со себе. Премостувањето на минатото и иднината е наша заедничка задача. 
Нека ни се среќни и вековити двата Илиндена, рече градоначалникот Јаневски.

Чествувањето на големиот македонски празник продолжи со полагање цвеќе пред спомен бистата на илинденскиот војвода Ристоман Кочев Попчевски во селото Попчево.

 

 

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK