AMD Strela

 

Заев: Продолжуваме заедно да работиме на унапредување и развој на рударскиот сектор

Заев: Продолжуваме заедно да работиме на унапредување и развој на рударскиот сектор
Објавено на: 28 Aug 2019

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче денеска присуствуваше на настан на којшто се одбележуваше Денот на рударите и јубилејот 40 години постоење на рудникот Бучим и 15 години Бучим како дел од меѓународната компанија Солвеј.

 Премиерот Заев имаше свое обраќање кое ви го пренесуваме во целост.

 „Нека е честит и вековит Денот на рударите!

 Рудар значи храброст. Храброст која не познава граници на издржливост и поместува планини и во буквална смисла на зборот.

 Денеска на овој убав христијански празник Успение на Пресвета Богородица оддаваме почит на трудот и макотрпната работа на нашите работници во рударскиот сектор.

 Рударството е еден од темелите на нашата економија и заедно со придружните дејности што го опслужуваат овој сектор вработува околу 10.000 луѓе и учествува со 8.9% во вкупното индустриско производство.

 Рударството претставува една од најстарите човечки дејности и потекнува уште од праисториско време. Оваа стопанско – индустриска гранка денес има клучна улога во обезбедување на основните суровини и енергенси за производство во индустријата, градежништвото, електростопанството, сообраќајот и комуникациите.

Оттаму јасно колкаво големо значење има во развојот на современите општества и економии.

 Почитувани,

 Денеска имаме прилика да го одбележиме овој празник во рудникот Бучим и од овде да ја испратиме пораката за важноста на овој сектор во севкупниот развој на нашата земја.

 Овој рудник веќе 40 години со својата работа придонесува во локалниот економски развој во југоисточниот дел на земјата и сѐ уште претставува единствениот рудник за ископ на злато и бакар. Голема благодарност до менаџментот за ваучерите што денеска компанијата ги додели на 3 општини, Радовиш, Конче и Штип. Овие ваучери претставуваат доказза општествена одговорна компанија која води грижа за развојните перспективи на овој регион.

 Моја чест е во името на Владата и граѓаните да се заблагодарам за сите општествено одговорни активности којшто сите овие 40 години ги имаат направено во нашата земја Република Северна Македонија, сета помош за децата, во градинките, во училиштата, во спортот, во Црвениот крст, на сето она што претставува наше секојдневие ние граѓаните го почитуваме и сме ви благодарни.

 Бучим цели 15 години е дел од меѓународната корпорација СОЛВЕЈ и вработува околу 700 луѓе со просечна нето плата од околу 550 евра и годишно произведува од 8 до 10.000 тони бакар и од 500 до 900 кг злато.

 Дозволете ми да ја искористам приликата на сите вработените и на менаџментот во рудникот Бучим да ви го честитам јубилејот и да посакам уште долги години успешна работа, лесно премостување кон Боров Дол и секако задоволство ваше и на граѓаните на целиот овој регион.

 Јас водам лево ориентирана Влада и затоа ќе кажам силно сме посветени на унапредување на условите за работа во рударскиот сектор.

 После долги години претрпени неправди од страна на рударите, излеговме во пресрет на нивните барања и ја намаливме старосната граница за пензионирање. Ако досега рударите се пензионираа со навршени 58 години, по ново се пензионираат на околу 50 години. Како резултат на оваа мерка до сега заминаа во пензија 51 рудар. Тоа секако значи отворање на нови работни места за младите рудари.

Тоа е фер бидејќи станува збор за една од најризичните професии по здравјето и животот на луѓето.

 Јас искрено се радувам што сега рударите навремено одат во пензија и можат да уживаат со своите најблиски во мирни и спокојни пензионерски денови.

 Рударството останува да биде стратешка гранка којашто понатаму ќе ја развиваме.

Министерството за економија работи на унапредување на законската регулатива, но и на подзаконските акти од областа на геологијата и рударството, а долгорочна цел е да ги надградиме техничките нормативи и стандардите во оваа област.

 Во Република Северна Македонија има преку 100 активни рудници за експлоатација на неметалични и металични минерални суровини.

 На самиот крај дозволете ми уште еднаш на сите рудари, менаџментот и вработените во рудниците да им го честитам Денот на рударите!

 Продолжуваме заедно да работиме на унапредување и развој на рударскиот сектор во Република Северна Македонија како важен сегмент во напорите да изградиме силна економија којашто ќе отвора шанси за сите!

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK