AMD Strela

 

Датумот за преговори за Северна Македонија ќе биде признание за договорот меѓу земјата со Грција, за остварените реформи и за реализацијата на амбицијата на ЕУ за мирен и стабилен Западен Балкан

Датумот за преговори за Северна Македонија ќе биде признание за договорот меѓу земјата со Грција, за остварените реформи и за реализацијата на амбицијата на ЕУ за мирен и стабилен Западен Балкан
Објавено на: 01 Oct 2019

Говорниците на воведната сесија на Самитот на Западен Балкан - “Зацврстување на моментумот за Европска интеграција”, во организација на магазинот „Економист“ во Скопје, беа едногласни дека европската перспектива на регионот треба да биде потврдена на октомвриската сесија на Европскиот Совет со определување на датум за старт на преговори за Северна Македонија и за Албанија.

 Оваа заедничка констатација на самитот, како што во својот поздравен говор, а потоа и во дискусијата, ја издвои Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, ја споделуваат луѓе кои своите животи ги посветиле да решаваат проблеми, да охрабруваат демократија и консензус во ЕУ парламентот, или луѓе кои поминале часови и часови со земји како Република Северна Македонија да ја зацврстат нивната порака, да им помогнат и поучат како да ја користат дипломатијата како алатка за да го подобрат животот на своите граѓани.

 Во таа насока, премиерот Заев потсети со стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се реши 27 годишниот спор со Грција кој имаше сериозни негативни импликации во односите меѓу двете земји, но и во регионот.

 „Денес ги собираме плодовите од решениот спор. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и сериозно подобрена билатералната соработка. Со тоа придонесовме да зајакне регионална стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан. Веруваме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот“, истакна премиерот Заев.

 Тој додаде дека Договорот од Преспа изврши влијание и во односите меѓу земјите во регионот за кој рече дека повеќе нема да биде заглавен во конфликти и застанат во безидејна иднина.

 „Ерата на манипулативни националистички реторики е минато. Сите заедно грабиме кон посветла иднина. Берлинскиот процес ја постигна целта да го зголеми интересот за Западен Балкан и да не стави на мапата на соработка на земјите-членки на ЕУ. Овој регион станува пример дека со заедништво и со инвентивни решенија, во време на глобални кризи, можеме да ги претвориме кризите во можности“, нагласи премиерот Заев на Самитот на Западен Балкан - “Зацврстување на моментумот за Европска интеграција”.

 Премиерот Заев потенцираше дека добивање на датум за отворање на преговорите за влез на Северна Македонија ќе биде препознавање на конкретниот прогрес што го направи земјата во изминатиот двеиполгодишен период, и дека, воедно, тоа ќе биде и биде и потврда за кредибилитетот и посветеноста на ЕУ кон својата агенда за проширување.

 Договорот од Преспа е победа на дипломатијата и победа врз националистичките и регресивни сили во Грција и Северна Македонија, и силен сигнал за прогресивните сили во другите земји на Западен Балкан, рече меѓу другото поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас. Тој додаде дека за време на постигнувањето на договорот меѓу двете земји, еднакво важни процеси се одвиваа и во регионот, кога во периодот на бугарското претседавање со ЕУ, интеграцијата на Западен Балкан беше ставена повторно високо на агендата.

 Ципрас поентираше дека ЕУ треба да определи датум за преговори за Северна Македонија, како израз на признание за договорот меѓу двете земји, како признание за реформите во Северна Македонија, и како остварување на амбицијата на ЕУ за мирен и стабилен Западен Балкан како регион во срцето на Европа.

 Во таа насока беше и обраќањето на поранешниот помошник државен секретар на Стејт Департментот на САД Вес Мичел, кој нагласи дека евро-атлантската перспектива на Западен Балкан е од исклучителна важност од геополитички аспект и дека сите политички сили кои се спротивставуваат на овие определби всушност ја доведуваат во прашање иднината на секоја од земјите на Западен Балкан и на регионот во целина.

 Поранешниот Претседател на Европскиот Парламент и поранешен претседател на социјалдемократската партија на Германија Мартин Шулц, ја издвои како исклучително значајна улогата што премиерите Заев и Ципрас ја имаа во остварувањето на договорот од Преспа и во решавањето на прашањето кое ги блокираше односите меѓу двете земји, и сериозно влијаеше и врз состојбата во регионот.

 Токму решавањето на овој спор, но и прифаќањето на Западен Балкан како регион кој мора да биде интегриран во ЕУ, се аргументи за датум за старт на преговорите со ЕУ за Северна Македонија, како и за Албанија, истакна за време на дискусијата на Самитот на Западен Балкан - “Зацврстување на моментумот за Европска интеграција”.

 Тој додаде дека во Брисел треба да се врати на изворните идеи и принципи на основачите на ЕУ, и да прифатат дека интеграцијата на Западен Балкан треба да се поттикне и поддржи колку што е можно поскоро.

 Самитот на Западен Балкан - “Зацврстување на моментумот за Европска интеграција” со присуство на голем број лидери од нашата земја, регионот, Европа и светот, продолжува со дебата за следните чекори во интеграцијата за земјите од регионот во ЕУ.

Извор:Соопштение на Влада на Република Северна Македнија

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK