AMD Strela

 

Градоначалникот Јаневски на прес информираше за мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот

Градоначалникот Јаневски на прес информираше за мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот
Објавено на: 18 Mar 2020

Секојдневно ја следиме состојбата, одржуваме координативни состаноци со претставниците на општинските јавни претпријатија, институции и организации и ги утврдуваме мерките за коишто сметаме дека превентивно ќе делуваат, рече меѓу другото на денешната прес конференција градоначалникот Јаневски.

-Формирани се мобилни тимови од волонтери коишто сами се пријавија во Општината и волонтери од Општинскиот Црвен крст за достава на прехранбени производи, лекови, средства за лична хигиена и други продукти на стари лица, хронично болни и лица со попречености, а со цел нивна заштита од потенцијалниот ризик истите да се заразат од Covid 19. Тие веќе се на терен и ја спроведуваат оваа мерка.

-Вчера уште во раните утрински часови е извршена дезинфекција со машини и рачно на плоштадот, поголемите јавни површини, најфреквентните улици и целата урбана опрема. Дезинфекцијата продолжува и не само во градот туку и во сите населени места, а ја вршат ЈПКД „Комуналец“ и Противпожарната единица.

-Во тек е дезинфекција на сите основни и средни училишта и на сите клонови на градинката „Детска радост“ како и на административните простории на општина Струмица.

-Ќе се изврши дезинфекција на Домот на АРМ и големата сала ќе биде подготвена и ставена на располагање на здравствените институции доколку постои потреба за тоа.

-Се вршат засилени инспекциски контроли за сузбивање на дивите продавачи кои продаваат на јавни површини, а се потенцијален ризик за здравјето на граѓаните

-Следејќа ја актуелната состојба со мојот тим ги утврдуваме економските мерки кои би ги презела Општината, а би биле во насока на ублажување на последиците врз реалниот сектор, секако во рамките на нејзините можности и ингеренции, а кои дополнително ќе бидат презентирани.

Ова се мерките коишто засега ги спроведува општина Струмица. Ќе ја следиме состојбата и понатаму и во зависност од неа ќе ги надополнуваме превентивните мерки за заштита на здравјето на нашите граѓани.

-Дозволете во оваа ситуација кога училиштата не работат, а децата, односно, нивното ментално и физичко здравје се наш приоритет, да ги повикам сите ученици да ја користат платформата за онлајн предавањата на веб страницата на Министерството за образование и наука и преку проектот „ТВ училница“ кој се емитува на Македонската радио телевизија секој работен ден во 10,30 часот. Апелирам до наставниците, учениците и родителите да ги користат овие платформи.

-Истовремено, апелирам до сите граѓани сериозно да ги почитуваат и следат мерките на Владата на Република Северна Македонија, да останат во своите домови за да ги избегнат и најмалите ризици за да го заштитат сопственото, здравјето на најблиските и на своите сограѓани. Да покажеме поголема свест и одговорност затоа што јавното здравје зависи од сите нас.

-Јас сум градоначалник, но и лекар по професија, за кого здравјето на граѓаните ми е пред се. Следејќи ја актуелната состојба подготвен сум и стојам на располагање на здравствените институции како лекар доколку за тоа има потреба, бидејќи така ќе го дадам мојот најголем влог во заштитата на здравјето на моите сограѓани, рече на крајот градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.

Media Flesh

 

ВИДЕО

FACEBOOK