Блаже Шапов во трка за трет градоначалнички мандат во Богданци, Ристо Џинев за Дојран
Избегнувајте сонце од 11 до 17 часот и пијте многу вода, не оставајте никого во паркирано возило
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури со кои се соочуваме деновиве. Од ИЈЗ објаснуваат дека кога амбиенталната температура се приближува или ја надминува телесната температура од околу 36,7 степени, телото потешко се лади. Високата релативна влажност дополнително го попречува испарувањето на потта, со што се намалува способноста за саморегулација. Ова може да доведе до чувство на слабост, вртоглавица, гадење, сува уста, прекумерно потење или сува кожа, а во потешки случаи и до конфузија, забрзана срцева работа, губење на свест или топлотен удар.Најизложени на ризик се постарите лица над 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите категории и работниците на отворено. Ризикот е зголемен и кај лицата со хронични заболувања како срцеви, белодробни, бубрежни и метаболни болести, кај лица со нарушено ментално здравје, со прекумерна телесна тежина или кај оние кои земаат диуретици и други лекови што го зголемуваат губењето течности.
Институтот препорачува граѓаните да избегнуваат изложеност на сонце во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, капа и очила за сонце, како и да престојуваат во климатизирани и проветрени простории. При неопходен престој на отворено се препорачува почести паузи во сенка. Во текот на денот прозорците и ролетните треба да се затвораат, а да се отворат навечер кога температурите се пониски.
Се советува редовен внес на вода, без да се чека чувство на жед, избегнување на алкохол, кофеин и екстремно ладни пијалаци, како и умерен внес на лесна и некалорична храна.„Кога сте во паркирано возило, отворете го прозорецот со цел да овозможите вентилација. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!“, велат од Институтот.
Во случај на симптоми како зашеметеност, слабост, интензивна жед или главоболка, лицето треба да се пренесе во постудено место и да се мери телесната температура. Доколку се јават грчеви, особено во нозете, рацете или стомакот, се препорачува одмор и внес на течности со електролити. Медицинска помош е неопходна ако грчевите траат подолго од еден час. Ако некое лице има топла и сува кожа, грчеви или губење на свест, неопходно е итно да се повика итна медицинска помош, лицето да се префрли на ладно место, да се отстрани вишокот облека и да се постави во бочна или хоризонтална положба со подигнати нозе. Не треба да се дава терапија, туку да се започне со ладење на вратот, пазувите и слабините со влажни облоги или прскање со вода додека се чека помош.
Институтот посочува дека особено е важно хронично болните лица да ги следат препораките, редовно да ја земаат својата терапија и да се консултираат со матичен лекар при било каква промена во здравствената состојба. Воедно, упатува апел до граѓаните да посветат посебно внимание на ранливите групи во своето семејство или околина.
На веб-страницата на Институтот за јавно здравје достапни се повеќе информации, вклучително и Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Република Северна Македонија 2025–2030 година.