Костадинов: Општина Струмица префрли 15 милиони денари на ЈП „Паркиралишта Струмица“, се бара зголемување на платите за 20%
Општина Струмица денеска префрли 15.000.000 денари на сметката на Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“, со што се обезбедува финансиска стабилност за редовно функционирање и исплата на плати на вработените.
Со оваа значајна финансиска инјекција, градоначалникот упати јасна порака до синдикатот и менаџментот на претпријатието, повикувајќи ги да го следат примерот на Општината и веднаш да пристапат кон покачување на платите на вработените за 20% и потпишување на нов колективен договор.
„Пари има доволно и за редовни плати, и за нивно зголемување. Ја испраќам јасната порака до синдикатот и до менаџментот на претпријатието: време е да се следи примерот на Општината. Потребно е покачување на платите за 20% и потпишување на нов колективен договор“, се вели во пораката.
Целта на оваа иницијатива е да се вреднува трудот на вработените и да се зголеми нивната мотивација, што директно ќе придонесе за подобрување на услугите што ги добиваат граѓаните.
„Само мотивирани и вреднувани вработени ќе можат секој ден да ја даваат најдобрата услуга на граѓаните. Јас наоѓам решенија додека некој се обидува да злоупотреби вредни работници! Но, нека е простено“, стои во објавата на социјалните мрежи.
Со овој чекор, локалната самоуправа уште еднаш ја потврдува својата заложба за унапредување на правата на работниците и подобрување на условите за работа во јавните претпријатија.