Костадинов: Струмичките пожарникари со највисоки плати во државата, покачување и за општинската администрација

 Костадинов: Струмичките пожарникари со највисоки плати во државата, покачување и за општинската администрација

Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, на социјалните мрежи, најави значително зголемување на платите за пожарникарите и за вработените во општинската администрација, одлука која тој ја нарече симбол на почит и вреднување на нивниот труд и пожртвуваност.

Почнувајќи од септември, пожарникарите во Струмица ќе добиваат месечна плата од 80.000 денари, со што ќе станат најплатени во Македонија. Според градоначалникот, ова е најмалку што може да се направи за луѓето кои секојдневно го ризикуваат сопствениот живот за да ги спасат другите.

„Ова не е само финансиска одлука. Ова е симбол на почит. Симбол на вреднување. Симбол на нова ера во која храброста и чесниот труд стојат на пиедестал,“ изјави Костадинов, нагласувајќи дека ова е доказ дека Струмица знае да се заблагодари не само со зборови, туку и со дела.

Истовремено, потпишани се и решенијата со кои сите вработени во општинската администрација ќе добијат зголемување на платите за 20%, согласно колективниот договор. Овој чекор, како што посочи градоначалникот, е порака дека трудот и посветеноста во служба на граѓаните не остануваат незабележани.

„Знам дека ниту една бројка не може да ги надомести сите стресови, ризици и одговорности. Но ова е доказ дека Струмица знае да каже благодарам,“ додаде тој.

Со оваа одлука, како што истакна градоначалникот Костадинов, секој пожарникар и секој вработен во општината треба да знае дека нивниот град стои зад нив со почит, благодарност и конкретни дела.

Share via
Copy link