Објавен јавен повик за избор на членови на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал
Општина Струмица денеска распиша јавен повик за избор на десет членови кои ќе бидат дел од новиот Организационен одбор на Струмичкиот карневал. Повикот е отворен за сите ентузијасти, креативци и граѓани кои со својата енергија и идеи сакаат да придонесат за зачувување, збогатување и развој на оваа вековна традиција.
Распишувањето на повикот е резултат на двете претходни јавни дебати, на кои заедно со граѓаните се дискутираше за идната форма, изборот и начинот на функционирање на одборот.
Според предложениот модел, идниот Организационен одбор ќе брои вкупно 17 членови. Седум од членовите ќе бидат предложени директно од релевантни институции, додека останатите десет ќе бидат избрани преку јавниот повик, со што се обезбедува директно учество на граѓаните. Претседателот на одборот ќе биде избран од редот на сите избрани членови.
Од Општина Струмица истакнуваат дека целта на овој нов пристап е целосно да се елиминираат надворешните влијанија и политизацијата во организацијата на карневалот.
„Со овој чекор се исполнува ветувањето дадено пред струмичани за транспарентен избор на раководството на карневалот. Нашата цел е Струмичкиот карневал да продолжи да чекори на вистинскиот пат, да се развива и да го зацврсти својот статус на светски позната манифестација која им припаѓа на сите граѓани“, се наведува во соопштението од Општината.
Сите идни аспекти поврзани со работата на одборот, како што се телата и начинот на функционирање, ќе бидат дополнително уредени со Статут и Правилник, кои ќе ги донесе новоформираниот одбор.
Рокот за пријавување на јавниот повик трае 14 дена, почнувајќи од денес, 10 јуни 2025 година. Сите детали, услови и потребни документи за аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Општина Струмица, на следниот линк: https://rb.gy/7spbbg