fbpx

17. ИЗДАНИЕ НА РОДНОКРАЈНИ ПОЕТСКИ СРЕДБИ НА СМОЛАРСКИОТ ВОДОПАД

 17. ИЗДАНИЕ НА РОДНОКРАЈНИ ПОЕТСКИ СРЕДБИ НА СМОЛАРСКИОТ ВОДОПАД

Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ на 26 јули 2024 година, со почеток од 17:00 часот под падините на Беласица, во прекрасниот амбиент на камениот амфитеатар (ресторан Атлантис) во близина на Смоларски водопад го организира 17-то издание на „Роднокрајни поетски средби“ кое вклучува неколку програмски активности.

Да го прославиме овој значаен ден за литературата која произлегува од нашите роднокрајни автори, да бидеме присутни на промоциите на двете нови поетски збирки на Марјан Христов Смоларски „Смоларе во срце те носам“ и Елизабета Дончевка-Лушин „Размена меѓу световите“ и да уживаме во творештвото на дваесетина роднокрајни поети од Струмица и околината.

          Промотор на книгата „Смоларе во срце те носам“ од Марјан Христов Смоларски ќе биде еминентниот македонски поет Борче Панов, додека поетската збирка„Размена меѓу световите“ од Елизабета Дончевска-Лушин ќе ја промовира м-р Сузана Мицева, а стихови ќе читаат проф. Павле Стојанов, м-р Наташа Василевска – Трајчевска и Васка Ангелова. Модератор на настанот ќе биде Митко Гогов, а музичката поддршка на талентираниот млад гитарист и вокалист Душко Никовски.

Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа.

          Роднокрајни поетски средби досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство, а се реализирале во Св.15 Тивериополски Свештеномаченици, Св. Елеуса Вељуса, Колешински водопади, воденицата во Старо Коњарево, градскиот парк и други алтернативни простори.

Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будно уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат.

Овој настан кој служи за доближување на творештвото поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо е поддржан од АД Грозд Струмица и ТА Атлантис Струмица. Се гледаме на уште едно ново поетско патување, овој пат под убавините на подгоријата!

Share via
Copy link