Лекар во Гевгелија нападнат од возач на Итна медицинска помош
Над 500.000 македонски граѓани се вакцинирани против Kовид-19 во земјава
Над пола милион македонски граѓани се вакцинирани против ковид-19 во земјава, соопштиja oд Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.098 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.810 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека од 1.800 пријавени деца до 18 години, вакцинирани се 630.
Овие бројки се однесуваат на имунизацијата во земјава. Македонија сѐ уште нема официјален податок колку граѓани се вакцинираа во Србија.
Вакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“, и тоа без закажување.
Со последните бројки 63% од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 60% од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55% од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45% од пријавеното население над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина .
Филипче и Министерството за здравство секојдневно апелираат на масовна имунизација, и како што најави вчера министерот, од есен се можни рестрикции за невакцинираните граѓани.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.
Сајтот вакцинација.мк е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во „А1 Арената Борис Трајковски“ во Скопје.