Жител на радовишко село се сомничи дека силувал девојче под 15 години и вонбрачно живеел со него
СЕ ПРОГНОЗИРА ГОЛЕМ НЕДОСТИГ НА БАКАР ВО СВЕТОТ Нема нови наоѓалишта, цените ќе растат, Македонија засега не ги чепка ресурсите во Иловица

Македонија може да се пофали дека поседува бакар, но не и дека го експлоатира и заработува. Една од гринфилд инвестициите во рудник за бакар која со години не се реализира е во Иловица.
Снемува бакар, потврди Меѓународната агенција за енергетика во последниот извештај „Глобални перспективи за критични минерали 2026“. Според извештајот, еден од клучните предизвици во развојот на нови резерви и наоѓалишта на бакар е намалувањето на количините на бакарна руда, при што просекот на рудници за ископ на бакар се намалил за 40% од 1991 година.
„Од сите наоѓалишта на бакар откриени во последните 35 години, само 5% се откриени во последната деценија. Времето на подготовка за нови проекти за бакар е долго, околу 17 години од откривањето до производството, а многу големи проекти неодамна доживеаја значителни одложувања и пречекорувања на трошоците“, се истакнува во анализата на Меѓународната агенција за енергетика.
Од друга страна, Македонија може да се пофали дека поседува бакар, но не и дека го експлоатира и заработува. Една од гринфилд инвестициите во рудник за бакар која со години не се реализира е во Иловица. Раните геолошки истражувања на ресурсите во проектот „Иловица“ се спроведени од Геолошкиот завод во 1973 година, односно пред 53 години. Сепак, дури во 2011 година компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ започнува да инвестира во дополнителни истражувања на наоѓалиштето, кои се завршени во 2015-тата година. Тие покажале дека овој рудник би можел да произведува над десет илјади тони бакар годишно во период од 23 години.
Инаку, според Агенцијата, предизвиците со бакарот на светско ниво се усложнуваат од големиот пад на стапката на откривање на нови ресурси. Односно, актуелната динамика сугерира структурно потесен пазар за бакарен концентрат, зголемувајќи ги ризиците за сигурноста во снабдувањето и нагласувајќи ја потребата од мерки на страната на понудата и на страната на побарувачката.
„Цените на бакарот нагло пораснаа во текот на 2025 година, надминувајќи 12.000 американски долари за тон за првпат во декември, и дополнително скокнаа до рекордни максимуми во мај 2026 година, надминувајќи 14.000 американски долари за тон. Ценовните рекорди беа поттикнати од неколку важни краткорочни настани, вклучувајќи прекини во снабдувањето во повеќе големи рудници, како и зголемувањето на залихите на бакар во САД поради неизвесноста на тарифите во 2025 година. Сепак, тие беа поткрепени и од основни фактори, како што се предизвиците во развојот на нови рудници за бакар и очекувањето на силен раст на побарувачката поради електрификацијата и изградба на центри за податоци“, се додава во анализата.
Како што се наведува, глобалната побарувачка за преработен бакар достигнала речиси 28 милиони тони во 2025 година, што е силно зголемување од 3,7% во однос на 2024 година. Индија, Саудиска Арабија и Малезија продолжиле да бележат силен раст на побарувачката, додека Виетнам, исто така, забележал големо зголемување на побарувачката, поттикнато од брзиот индустриски и инфраструктурен развој. Побарувачката во Кина пораснала за речиси 5%, предводена од индустрискиот и производствениот сектор.
„Од страна на понудата, имаше големи прекини во снабдувањето од 1,5 милиони тони во 2025 година, што е еднакво на над 6% од глобалната понуда од рудниците за годината. Ова го постави пазарот во бакарен дефицит и тоа беше главен двигател на исклучителниот пораст на цената на бакарот. Цените на бакарот се повторно близу до рекордното високо ниво, а понатамошните притисоци во снабдувањето веројатно ќе ги зголемат цените, со влијание врз низа стратешки сектори и електрични технологии кои зависат од бакарот, вклучувајќи мрежи, енергетски технологии, транспорт, центри за податоци, индустриска опрема, одбрана и градежништво“, оценува Меѓународната агенција за енергетика.
Оттаму заклучуваат дека бакарот е еден од стратешки најважните метали, кој има фундаментална улога во стратешките сектори, вклучувајќи енергетика, транспорт, градежништво, центри за податоци и одбрана. Сепак, како што додаваат, и покрај силните изгледи за побарувачка, клучен предизвик за пазарот на бакар остануваат потешкотиите за развој на нови рудници. Односно, и покрај рекордно високите цени на бакарот, развојот на проекти останува недоволен. Врз основа на прогнозите, ако се задржи моменталната состојба глобалното снабдување со примарен бакар би можело да се соочи со дефицит од 25% во 2035 година.
(текстот е преземен од www.plusinfo.mk, линк до објавата: https://plusinfo.mk/se-prognozira-golem-nedostig-na-bakar-vo-svetot-nema-novi-nao-alishta-cenite-e-rastat-makedoni-a-zasega-ne-gi-chepka-resursite-vo-ilovica/)