fbpx

АХВ: Високите температури опасност од труење со храна и за здравјето на животните

За да се елиминира можноста од труење со храна поради високите температури неопходно е да се направи правилен избор, набавка и транспорт на продуктите, советува Агенцијата за храна и ветеринарство и предупредува дека со порастот на температурите над 30 степени се зголемува опасноста од труење со храна, а тие можат да се одразат и на здравјето на животните.

-Храна да се купува од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Месо, млеко и јајца да се купуваат на крај на пазарењето, а овие производи да се внимава не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства каде температурите се многу високи, соопшти денеска АХВ.

Советува пред подготовка на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од 5, а топлата храна на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер. Рацете често да се мијат во текот на подготовката на храната. Во фрижидер на најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти и глодари, но и од миленичињата и другите животни кои може да ја контаминираат.

-Доколку решите да консумирате купена веќе подготвена храна или да јадете во угостителски објект, одберете места кои имаат добра репутација. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставите во ладилник или замрзнувач. Проверете дали лицето кое послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна, во објектите за брза храна, одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и сл, стои во соопштението.

Како што укажува АХВ, високите температури претставуваат голем стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Доколку животните се држат во несоодветни услови, кога температурите се исклучително високи, во објекти каде има висок процент влага и недоволна вентилација, кај животните може да дојде до појава на топлотен удар. Сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сончевото зрачење. И во двата случаја, исходот може да биде фатален доколку не се делува на време и доколку животните се изложуваат на напорната работа, или транспортот при високи температури.

-Забрзано и плитко дишење, несигурен од (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите се некои од симптомите по кои може да се препознае топлотниот удар кај животните. Во вакви услови неминовно е итно да се реагира. Животното да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, водејќи сметка ладењето на животното да не биде премногу брзо, советува АХВ.

Укажува и домашните миленици да не се оставаат во затворен автомобил што е директно изложен на сонце, како и да се избегнуваат прошетки во текот на најтоплиот период од денот.

-За да се избегне топлотен удар, животните кои се одгледуваат на фармите треба да се држат во проветрени простории (отворање на сите прозори и употреба на вентилација како и уреди за разладување), да се внимава на населеноста (густината) на единките во објектите. Тие треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно, на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини за нив. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински, или вечерни часови, период во кој треба да се организира и нивниот транспорт, препорачува АХВ.

Share via
Copy link