fbpx

Филмот „Љубовни маки“ на Александер Саул победник на Астерфест

 Филмот „Љубовни маки“ на Александер Саул победник на Астерфест

Краткиот игран филм „Љубовни маки“ на Александер Саул од Данска освои Гран-при на 19. издание на Филмскиот фестивал Астерфест во Струмица.

Златната потковица ја доби краткиот анимиран филм „Гилгамеш“ на Шаќир Весели од Албанија, Сребрената потковица ја доби краткиот игран филм „Прошетка“ на Елеонора Венинова од Македонија, додека Бронзената потковица ја доби краткиот игран филм „Фортистимо“ на Виктор Цеска од Франција.

Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби Небојша Слијепчевиќ за краткиот игран филм „Човекот кој не можеше да молчи“ од Хрватска. Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ ја доби краткиот анимиран филм „Споменик“ на Сиџјиа Џенг и Џјашји Ву од САД.

Специјални признанија од жирито добија и краткиот документарен филм „За живеењето“ на Сезер Салихи од Македонија и краткиот анимиран филм „Мигови“ на Катја Фридрих од Германија.

Членови на жирито на 19-тиот „Астерфест“ беа Зејгам Азизов од Велика Британија, Ганимет Сава од Косово и Никола Пијанманов од Македонија.

Вечерва, во 20:30 часот во Амфитеатарот астерфестовската публика ќе има прилика да ја гледа раритетната копија на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ во чест на лауреатот Антонио Митрикески, како и кратките филмови „Со кренати раце“ на Митко Панов и „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски.

Утревечер, на последната фестивалска вечер, ќе бидат прикажани наградените кратки филмови, како и култниот филм „Црно семе“, во знак на 5-годишнината од смртта на Кирил Ценевски.

Share via
Copy link