Народниот правобранител отвора телефонска линија за пријавување повреди на избирачкото право
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1 832 415 граѓани
Утрово во 7 часот започна гласањето за осмите локални избори од осамостојувањето на државата. Од Државната изборна комисија (ДИК) потврдуваат дека сите 3.474 избирачки места се навреме отворени.
Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, кои ќе можат да гласаат до 19 часот. На изборите се натпреваруваат вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи со 10.490 кандидати за членови на општинските совети.
Во текот на вчерашниот ден, своето право на глас го искористија затворениците, лицата во домашен притвор, како и болните и немоќни лица згрижени во здравствени установи и во своите домови.
Државната изборна комисија ја најави првата прес-конференција за текот на гласањето и излезноста за 09:30 часот, додека првичните резултати се очекуваат во рок од 12 часа по затворањето на гласачките места.