Промоција:ЗА ЕДНА СИВКА И КРЕВКА И СИЛНА (Ирена Бабамова Стојчева. Сивка: геометрија на болката. Скопје: Макавеј, 2025, 94)

 Промоција:ЗА ЕДНА СИВКА И КРЕВКА И СИЛНА (Ирена Бабамова Стојчева. Сивка: геометрија на болката. Скопје: Макавеј, 2025, 94)

Синоќа во просториите на Младинскиот центар во Струмица се одржа промоција на збирката поезија „Сивка – геометрија на болката” од Ирена Бабамова Стојчева. Ова е четврто дело на поетесата, за чиј ракопис се закити со меѓународната награда „Антев златник“ за 2024 година, а во 2025 година, подржано од Министерството за култура и туризам, беше објавено под капа на издавачката куќа „Макавеј“.  Пред бројната публика, промоторите на настанот, проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска, проф. д-р Владимир Цветкоски и м-р Катерина Панов Кожаров ги изложија своите исцрпни, инспиративни говори.

Проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска во своето излагање посочи : „Болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии создава ехо кое се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави пукнатини кои и да зараснат остануваат со траги кои потсетуваат на нив. Но, мене оваа геометрија на болката ме насочува кон онаа „физика на тагата“ на Георги Господинов. „Тоа е книга ризом“, ќе напише Елена Ѓорѓиевска, „од каде и да почнеме можеме да ја читаме, секој расказ може да опстојува и посебно, а ако се чита редоследно сите раскази ќе оформат една целина, целина на тагата.“ И оваа збирка на Бабамова Стојчева од каде и да почнеме можеме да ја читаме, секоја песна одделно, раштркано, но и сите песни заедно, редоследно, и тие како такви и одделно и заедно дефинираат една целина, целината на болката (…) Дали зашто пеперутката е симбол на повторното раѓање, зашто е една од најубавите и најуникатните инсекти кои постојат? Дали зашто таа е симбол на воскресението во христијанската религија? Па во тој контекст поетесата се приклонува кон оној вид пеење што истовремено и убива и лечи, рече Мојсова Чепишевска.

Проф. д-р Владимир Цветкоски, пак, обраќајки се кон публиката истакна:

„Во оваа збирка, Бабамова Стојчева создава поетски простор во кој болката добива форма, линија и димензија, каде што зборот станува и светлина и сенка, каде што човекот, во својот кревок космос, се бори да остане целовит (…) Ако „Aџилак“ се движеше во ритам на молитвен и обреден тон, „Сивка“ е повеќе камерна, незабележливо музикална, со ритам што се гради од нежни прекини и внимателни паузи. Стилски, стиховите се слободни, но имаат уредна внатрешна мелодија. Тие се протегаат без експлицитен ритмички образец, но со строго контролирана интонација. Оваа слободна форма ѝ овозможува на поетесата да го префрла тежиштето меѓу сликата и мислата, меѓу телесното и метафизичкото. Симболите – особенo крилото, светлото, водата, огнот, каменот, детето – не функционираат изолирано, туку се вградени во поголема симболичка мрежа што ја гради сензацијата на еден непрекинат поетски простор.”

M-р Катерина Панов Кожаров освен за освртот кон промоцијата на поезијата на Бабамова Стојчева како некаков вид на „психолошко интроспективно витештво“, говореше и за симболот на пепругата која е главен актер во стиховите на „Сивка“. Таа рече: „За геометријата на болката зборува и Шарко, еден од најинфлунетните личности во живтот на Фројд, кој бил обземен со идејата да ги исцрта површините на човечкото тело и во тоа цртање да одвои што е заболено и повредено, а што здраво и нормално. А таквите зони без исклучок според него биле геометриски. Тоа покажува дека за соматизација на болката се зборувало и пред Фројд. А главниот лик во нашава поетска драма вечерва е еден од најубавите инсекти кој е можеби и најупотребуваниот симбол за приказ на геометриската симетрија.

Во христијанството, велат стручните извори, пеперугата е душа лишена од својот телесен оклоп. Всушност, таа насекаде се смета за симбол на леснотијата и непостојаноста. Во една африканска басна која потекнува од Конго се зборува за тоа дека човекот од раѓањето до смртта го следи циклусот на пеперугата: во детството е мала гасеница, во зрелоста – голема гасеница, а во староста станува чаура. Гробот му е чаура од која излегува неговата душа и излетува со обликот на пеперуга, што всушност е симбол на реинкарнацијата. Дури и современата психоанализа гледа на пеперугата како симбол на преродувањето.

А нашата поетеса, во првата песна од својата стихозбирка вели:

И пораснува ли ново крило на пепрутката

кога ќе се скрши?

Мојата Сивка трепери,

жива заклучена,

никој никогаш не ја видел. “

Во рецензијата кон книгата,  д-р Атина Цветаноска ќе каже: Сивка е тажна убавица. Лета со скршено крило кое не може да биде исто дури и да зарасне […] Во таа геометрија на болката, Бабамова Стоічева за истражува тагата како одговор на неотповикливата промена на околностите, на она што сме го замислувале како деца, со сета детска невиност во размислата. Болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии, создава ехо кое се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави, пукнатини кои, дури и да зараснат, остануваат со траги што потсетуваат на нив.”

Share via
Copy link