СДСМ Струмица бара вработените во ЈП „Паркиралишта“ да ја добијат јулската плата, Костадинов вели дека редовно се подмируваат обврските од Општината кон претпријатието
Откако денеска синдикатот на вработените во ЈП „Паркиралишта“ објави дека се уште не ја зеле плата за јули и доколку не биде исплатена до петок ќе започнат подготовки за генерален штрајк, со известување се огласи ОО СДСМ Струмица, а на известувањето на неговиот фејсбук профил реагираше градоначалникот Костадин Костадинов.
Во продолженое известувањето од СДСМ Струмица и реакцијата на Костадинов.
-Почитувани вработени во ЈП “Паркиралишта” Струмица и почитувана јавност.
ОО СДСМ Струмица сака да изрази загриженост за состојбата во кое е доведено ЈП “Паркиралишта” Струмица. ОО СДСМ со политиките во минатото е препознатлив по ажурноста и редовното сервисирање на обврските кон јавните претпријатија, па затоа ИТНО АПЕЛИРАМЕ, градоначалникот Костадинов веднаш да изнајде решение и веднаш да го исплати долгот кон ЈП Паркиралишта Струмица, за вработените да можат да ги добијат своите заостанати плати и да фунционираат во нормални услови.
Општина Струмица е симбол на ефикасност и почитување на работничките права, затоа нема да дозволиме да се руши кредибилитетот кој е граден години наназад.
ОО СДСМ Струмица, ги почитува сите работнички права и ги поддржува работниците во користење на сите правни алатки за заштита на нивните права.
А за крај се прашуваме, зошто сега, зошто вака?
Почитуван градоначалник,
по принципите на социјалдемократските вредности, овозможете работникот да биде вреднуван и уважуван со дела, а не со зборови!
Реакција на градоначалникот Костадинов.
Јас не сум противкандидат на овие избори и тоа јавно го кажав. Затоа би било добро Општинската организација на СДСМ и кандидатот да престанат да се занимаваат со мене.Завршната сметка, како и секоја година, се гласа по завршувањето на фискалната година и е на увид и за советниците и за јавноста. Недозволиво е повеќе од една деценија претседател на Совет да не ја види завршната сметка и да дозволува панични и избрзани реакции. Но, на крај простено им е и ги разбирам.До овој момент, кон ЈП „Паркиралишта Струмица“ се исплатени 114.999.645 денари, што е јасен показател за редовното подмирување на обврските на Општината кон претпријатието.