СДСМ Струмица: Власта во паника врши притисок врз граѓаните на Струмица

 СДСМ Струмица: Власта во паника врши притисок врз граѓаните на Струмица

Општинската организација на СДСМ Струмица денеска излезе со остри обвинувања кон Министерството за внатрешни работи, тврдејќи дека полициски службеници извршиле брутално пречекорување на овластувањата врз двајца граѓани во населбата Туско маало. Според партијата, инцидентот што се случил вчера вечер претставува директен обид за заплашување на граѓаните во пресрет на локалните избори.

Во соопштението испратено до медиумите, од СДСМ Струмица наведуваат дека двајца граѓани биле незаконски задржани цели 2 часа и 40 минути без притоа да им биде приложен судски налог или било каква правна основа за постапувањето.

Од партијата тврдат дека возилото на граѓаните било незаконски претресувано, а од него биле одземени предмети без да се издаде потврда или да се состави записник, што е спротивно на процедурите.

Во својата реакција, СДСМ го поврзува инцидентот со политичка паника кај нивните противници.

„Ова не е случајност, туку демонстрација на сила врз сопствениот народ поттикната од страв. Наместо заштита, граѓаните доживеале психичко малтретирање, закани и уцени. Тоа е одлика на режим во распаѓање кој, свесен за поразот што го очекува, прибегнува кон присила и притисок,“ се вели во соопштението од СДСМ Струмица.

Од партијата најавија дека за случајот официјално ќе ги известат Одделот за внатрешна контрола при МВР, Народниот правобранител и Јавното обвинителство. Информации за наводниот притисок, како што велат, ќе бидат доставени и до сите меѓународни организации и амбасади во државата.

Редакцијата се обиде да добие коментар од Министерството за внатрешни работи во врска со овие обвинувања, но до моментот на објавување на оваа вест, одговор не добивме. Инцидентот дополнително ги зголемува тензиите во Струмица пред неделното гласање.

Share via
Copy link