Жестока критика од Костадинов до раководството на СДСМ: „Ова е тешка брука, време е да си одите!“

 Жестока критика од Костадинов до раководството на СДСМ: „Ова е тешка брука, време е да си одите!“

Поранешниот градоначалник на Струмица и висок функционер на СДСМ, Костадин Костадинов, упати остра и директна критика до раководството на партијата, повикувајќи на итна одговорност и оставки по, како што го нарече, „изборното цунами“ и „тешката брука“ на локалните избори.

Костадинов, чија општина важеше за бастион на СДСМ, го честиташе резултатот на ВМРО-ДПМНЕ, но вината за поразот ја лоцираше директно во одлуките на централното раководство на неговата партија.

„Ова не е обичен пораз, туку тешка брука и срам политички, но и морален,“ пишува Костадинов, нагласувајќи дека запалениот црвен аларм не е доволен сигнал за врвот на партијата.

Тој директно побара оставки:

„Час поскоро, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди. Тоа е доблест, чекор со кој ќе се овозможи вистинските луѓе да се интегрираат во партијата и искрено да почнат со работа. Веднаш, уште денес.“

Според него, фактите дека СДСМ е четврта политичка сила во државата и не влезе во втор круг во Скопје, зборуваат за политички срам и недозволиво самоволие кое ги понижува сите членови.

„Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема,“ порача Костадинов.

На крајот, тој повика на итен состанок за суштинска, а не декларативна консолидација.

„Повикувам, со ладни глави, кон реформа, реконструкција, ремонт и ребрендирање, кои можат да ја излечат СДСМ“, заклучува поранешниот градоначалник на Струмица.

Share via
Copy link