Кај жител на Добрејци полицијата пронајде марихуана и семки од растение
Амфитеатрите се празнат, плодните површини остануваат незасадени- Демографскиот удар врз македонскиот аграр
Падот на интересот за земјоделските студии во Македонија претставува сериозна закана за иднината на домашното производство на храна. Во последните неколку години, забележан е значителен пад на бројот на запишани студенти на агрономските факултети низ целата земја, што доведува до недостиг на нови кадри во секторот. Овој тренд е особено загрижувачки, со оглед на важноста на земјоделството за националната економија и обезбедувањето храна.
Причините за овој пад се комплексни и вклучуваат: миграција на населението од рурални во урбани средини, ниските откупни цени на земјоделските производи, трендот на иселување на младите, неадекватни образовни програми и недоволна поддршка од страна на институциите.
Дека градовите им се поудобни за живеење на младите, нудејќи повеќе можности, покажуваат и податоци на Државниот завод за статистика, за миграциите од рурална во урбана средина. Во 2015 година, вкупниот број лица кои мигрирале од рурална во урбана средина се зголемил за 2,7% во однос на претходната година. Бројот на мигрирани лица на возраст 15-29 е намален за 2,0%, а на лицата што се на работоспособна возраст (30-64) е зголемен за 9,0%.
Во 2015 година продолжува трендот на зголемување на миграцијата од која било средина во урбана, особено во главниот град, каде што се доселиле повеќе од половината од мигрираните. Не може да се изостави и фактот дека во Македонија се регистрирани 185 834 жители помалку отколку пред две децении.
Од земјоделските факултети на државните универзитети, велат дека секогаш излегуваат во пресрет кога станува збор за студентите. Се обидуваат да ги поттикнуваат тековните и идните студенти преку доделување стипендија, ослободување од партиципација итн.
Проф. д-р Емилија Арсов, декан на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, вели: „Нашиот Универзитет секогаш ги стимулира тековните и идните студенти, имајќи го во предвид фактот дека неколку години по ред Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип доделува стипендии – ослободување од партиципација – школарина на прворангираните 20 студентите кои ќе се запишат на Земјоделски факултет, во сите три наставни центри – Штип, Струмица и Кавадарци, рангирани според постигнат успех од средно образование, кој не треба да е под 80 поени. Директната соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е исто така многу важна за нашите студенти. МЗШВ доделува стипендија од 18.000 ден за студенти на факултетите кои изучуваат земјоделски, шумарски и ветеринарни науки, студенти од втора година на студии па нагоре со просек над 8.5.
Професорката Арсов, додава дека: „Земјоделскиот факултет постојано ја негува конекцијата со агро бизнис секторот, нивниот развој, потреба од агрономи инженери, како и потреба од обуки на ниво на факултет како и обука на наставниот кадар со современите методи, трендови и иновации,“ нагласувајќи дека, „Струмица како град со висококвалитетно земјоделско производство, мора да продолжи и остане бренд во градинарското производство.
И покрај тоа, загрижувачки опаѓа бројот на студентите на земјоделските факултети. Во последните 15 години, бројот на студентите на земјоделските факултети опаднал за речиси 6 отсто.
Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, бројот на запишаните студенти на земјоделските факултети на државно ниво, конкретно на УКИМ и УГД, во временски период од академската 2009/2010 до академската 2023/2024 е во опаѓање за 5,98 отсто. Во академската 2009/2010 година бројот на запишани студенти изнесувал 1227 и секоја година постепено опаѓа со што во 2023/2024 доаѓа до бројка од 454 студенти. Во оваа временска рамка најголем број студенти (1414) запишале земјоделски факултет во академската 2010/2011.
Бројките покажуваат дека е потребно да се внесат промени во целокупниот систем со цел да се стимулираат младите да градат кариера како агрономи инженери, одговорни за производство на безбедна храна.
„Секојдневната потреба од храна, неискористените плодни површини, се само дел од причините зошто да се размислува да се вложува труд, упорност и време за учење на земјоделските науки. Предизвиците се пред нас, промени во целокупниот систем на производство мора да постојат, а се разбира и постојана поддршка од ресорното министерство е неопходна и важна за активирање на младите во секторот производство на храна” – вели проф. д-р Арсов.
Стремејќи се да бидеме дел од европското семејство, потребно е државата да имплементира стратегии и практики усвоени во државите на ЕУ со кои се поттикнуваат младите за изучување на земјоделски науки. „Најважна е модернизацијата на наставната програма преку инкорпорирање на најновите технологии во земјоделското производство како прецизно и паметно земјоделство, агротехнички иновации и практики за одржливост на агроекосистемите“ – вели професорката Фиданка Трајкова од Земјоделскиот факултет при УГД, додавајќи дека „покрај модернизација на наставните програми во студиите на земјоделските факултети, потребни се квалитетни политики за рурален развој, односно поддршка на руралното образование и програми засновани на заедницата, односно развивање образовни програми засновани на заедницата кои ги поврзуваат студентите со локалните фарми и земјоделските компании.“
Важен аспект од европските практики кој би го зголемил интересот за ангажирање и напредување во земјоделскиот сектор е воспоставување и развој на иновативни центри кои се фокусираат на земјоделската технологија.
„Поддршката за истражување и иноваци, односно безбедување финансии за истражувања во земјоделските науки, особено во областите поврзани со одржливост, климатски промени и безбедност на храна, како и воспоставување и развој на иновативни центри кои се фокусираат на земјоделската технологија и претприемништвото, привлекувајќи студенти заинтересирани за најсовремени случувања во овој важен, разновиден и интердисциплинарен сектор“ – нагласува проф. д-р Трајкова.
Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје во своето повеќе од седум децениско постоење, во новата академска 2024/2025 година, нуди студиска програма – интердисциплинарни студии по Дигитално земјоделство единствена од ваков вид во земјава.
„Новата студиска програма – Дигитално земјоделство на ФЗНХ – Скопје ги комбинира традиционалните знаења со најновите технолошки и дигитални иновации. Оваа програма е создадена за идните лидери во земјоделскиот сектор, кои ќе применуваат дигитални технологии, автоматизација и големи податоци за да креираат одржливи и ефикасни земјоделски практики” – вели првиот човек на ФЗНХ – Скопје, деканот проф. д-р Миле Маркоски.
Проф. д-р Миле Маркоски додава дека: „Современиот земјоделски инженер со специјализација во дигитално земјоделство игра клучна улога во трансформацијата на македонските земјоделски компании преку усовршувањето на вештините за управување со новите технологии, како ГПС или сензори за прецизно следење на состојбата на почвата и растенијата и слично.“
Правилен чекор ќе преземат во нивното образование идните бруцоши, доколку се запишат на земјоделски факултет уверуваат дипломираните студенти на земјоделските факултет. Александра Цековска дипломиран инженер агроном, вели дека иако, очекувано и логично било да студира фармација, затоа што со средното образование се стекнува со звање, фармацевтско-лабораториски техничар, таа се определила за Земјоделскиот факултет на УГД.
„Главна причина за таквата одлука беше тоа што сите активни материи во лековите и фармацевски препарати се добиваат од растенија, дел од тие растенија се култувираат за екстракција на соодветни секундарни метаболити, а во суштина растителната биотехнилогија нуди алатки за in vitro добивање на секундари метаболите. И така се најдов на Земјоделскиот факултет и како поминуваат годините на студирање, се уверувам дека мојот избор е сосема правилен и вистински.“
Доколку трендот на опаѓање на бројот на студентите на земјоделските факултети продолжи, македонското земјоделство би можело да се соочи со сериозни предизвици во обезбедувањето на доволно квалификуван кадар за одржување на продуктивноста и квалитетот на домашното производство на храна. Ќе успеат ли земјоделските факултети да се наметнат како клучен извор на иновации и стручност во земјоделскиот сектор, обезбедувајќи стручен кадар, кој ќе ја засее иднината на македонското земјоделство, останува да видиме.
Млади новинари: Величе Илиева, Филип Костов, Василија Ѓорѓиева, Марија Стоилова.
Ментор: Данче Ичева
Оваа сторија е дел од Проектот „Информирани Локални Заедници: Медиумска Писменост и Етичко Известување според ЕУ стандарди“, имплементиран од страна на Центар за истражување и анализи НОВУС во партнерство со Медија Флеш и е поддржан преку програмата за мали грантови на „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“ финансирана од Европската Унија.