Бурна седница на Советот на Општина Струмица:препукувања за значајни прашања

 Бурна седница на Советот на Општина Струмица:препукувања за значајни прашања

Состојбата со недостатокот на вработени во ЈОУДГ „Детска радост“ и „Виножито“ Струмица со цел непречено функционирање на истите, актуелната состојба со угостителите, односно поставувањето на урбаната опрема, како и велосипедската патека на Старата чаршија, предизвикаа најголем интерес кај советниците на денешната 51-ва седница на Советот на општина Струмица преку бројни дискусии и политички препукувања. Одлуки не беа донесени бидејќи Советот нема таква надлежност, а беа на дневен ред заради актуелноста на темите, посебно за градинките по вчерашниот негативен одговор од ресорните министерства за необезбедени финансиски средства за нови вработувања иако и двете имаат потреба од стручен кадар за нормално функционирање и згрижување на струмичките дечиња.

На денешната 51-ва седница на Советот на општина Струмица беа усвоени Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Струмица за прв квартал од 2025 година, Програмата за енергетска ефикасност на општина Струмица за периодот 2025-2027 година, Програмата за активностите на општина Струмица за ревитализација по елиминирање на кризи во областа на заштита и спасување во 2025 година, извештаите за работата на Јавните претпријатија „Паркиралишта Струмица“, „Струмица – гас“, „Комуналец“, „Стационар – Лана“, „Струмица – Транспорт“, годишниот извештај за спроведување на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за 2024 година, измената на годишниот план за вработување на ООУ „Герас Цунев“ од Просениково и повеќе одлуки од областа на урбанизмот.

Советниците донесоа и одлуки за доделување парична помош на Томе Танчев од с.Дабиље, Тунџет Демов, Верица Ѓеоргиева и Ѓулфидан Афидова од Струмица, како и одлука за дополнување на одлуката за општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Струмица.

На денешната седница беше донесено и решение за верификација на мандатот на Љубица Покрајчева од ВМРО ДПМНЕ за член на Советот на општина Струмица на местото на Тања Дедејска.

Share via
Copy link