Поетско-музички настан “Граде мој” (Градот што ја живее својата приказна)
Поетско-музички настан “Граде мој” (Градот што ја живее својата приказна)

На 19 септември, на струмичкото корзо, пред зградата на Општина Струмица, ќе ги славиме уметноста, традицијата и духот на градот во посебен културно-уметнички настан во организација на Фондација Елеуса, а во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Струмица, соопштија од Фондацијата „Елеуса“.
-Ве очекува вечер исполнета со староградска музика во изведба на ВИС ,,Стихири”, стихови посветени на градот и неговите луѓе ќе интрпретираат членовите на Здружението ,,Иван Василевски”, а драмските реплики од култните дела на големиот струмички и македонски писател Митко Маџунков ќе бидат во изведба на гимназијалците од СОУ ,,Јане Сандански”. Ќе се потсетиме на старите обичаи, на времето кога корзо било омиленото место за средба, разговор, песна и градски шарм. Низ музиката, поезијата, драмата и визуелната уметност младите таленти под менторство на уметниците Љупка Галазка-Василев и Георги Кончалиев, ќе го оживееме духот на една Струмица што ја носиме во сеќавањата, но и онаа Струмица што продолжува да создава, да се менува и да живее, се наведува во соопштението.
Заеднички ќе направиме прошетка низ културната меморија на градот. Вечер во која старото и новото ќе се сретнат на едно место, а струмичкото корзо повторно ќе стане простор за заедништво, убавина и добра енергија.
На 19 септември, да ја празнуваме Струмица – со песна, стих, уметност, традиција и градски шарм.