fbpx

Голем пад на извозот и на увозот во првата половина од годинава

 Голем пад на извозот и на увозот во првата половина од годинава

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 2,4 милијарди евра и бележи пад од 22,3 отсто во однос на истиот период од претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3,3 милијарди евра, што е за 18,1 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, изнесува 895.150.000 евра.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.

Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Share via
Copy link