fbpx

Центарот за развој на Југоисточниот регион потпиша Меморандум за соработка за изработка на новиот Просторен план на државата

 Центарот за развој на Југоисточниот регион потпиша Меморандум за соработка за изработка на новиот Просторен план на државата

Министерот за животна средина и просторно плaнирање, Насер Нуредини, директорот на Агенцијата за планирање на просторот, Андријана Андреева и раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова вчера во Свечената сала во Владата потпишаа Меморандум за соработка, со кој сите страни ја изразија подготвеноста за соработка во процесот на изработка на  Просторен план на Република Северна Македонија.

Просторниот план на РСМ претставува национална стратегија за просторен развој и дава насоки за организација, користење, заштита, уредување и управување со просторот на Државата. Потребата за изработка на нов просторен план произлегува од истекувањето на постојниот плански документ, но и заради промената во условите и современите потреби на нашето општество.

– Новиот Просторен план на Државата ќе биде современ и визионерски и ќе овозможи долгорочен и одржлив социо-економски развој,  превенција и контрола на неговото штетно влијание врз животната средина и ќе воспостави баланс помеѓу расположивиот простор, економскиот и демографскиот развој, природните и културните ресурси. Исто така, со новата методологија се предвидуваат и механизми за справување со климатските промени како и усогласување на секторските политики и наоѓање на најсоодветни решенија, истакна во таа прилика министерот Нуредини.

Важна улога во планирањето на просторот ќе имаат и планските региони и нивното учество во овој процес што произлегува не само од фактот што секој плански регион ќе изработи посебен просторен план како разработка на националниот, туку и поради улогата во напорите за постигнување на рамномерен регионален развој во државата.

Нарачател на Планот е Министерството за животна средина и просторно плaнирање, кое ја координира целата постапка за изработка и ги спроведува процедурите на донесување на Планот согласно Законската регулатива и Методологијата за изработка на Просторниот план, додека изработувач на Просторниот план е Агенцијата за планирање на просторот.

Share via
Copy link