„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Честитка од премиерот Заев по повод Денот на слободата на медиумите
Информацијата e јавно добро. Денес, на Светскиот ден на слободата на медиумите важно е да повториме и потврдиме дека во Северна Македонија никогаш повеќе нема да дозволиме институциите да кријат информации.
Властите кои кај нас криеја информации ја заробија државата. Од 2017 година ги отворивме институциите, ги декласифициравме податоците за трошењата и почнавме да објавуваме серија документи и податочни сетови. Со тоа Владата на Република Северна Македонија која во 2016 беше на последно место, веќе три години по ред е прва по отвореност во регионот.
Порано се правеше сѐ да се скрие од медиумите, а денес службите на министерствата прават сѐ да обезбедат точна, сеопфатна и навремена информација. Можеме уште да се подобруваме и ќе се подобруваме, не смее да остане ниту една институција во Северна Македонија со старите навики на затвореност и криење податоци.
Брзиот проток на точни информации е гаранција дека медиумите работат слободно. Дека состојбата со медиумите од 2017 постојано се подобрува потврдува и годинешниот извештај за слободите на „Фридом Хаус“ во кој се нотира дека во Северна Македонија расте бројот на критички и независни медиуми особено на онлајн платформите, а најважен индикатор во извештајот на „Репортери без граници“ е што од 2017 имаме постојан позитивен нагорен тренд, што не беше случај со минатата Влада.
Извештајот на „Фридом Хаус“ уште потенцира дека Република Северна Македонија е единствената земја со демократски напредок во Западен Балкан. Нашиот напредок е втор најдобар резултат меѓу 29 земји од Европа кои се предмет на анализа во извештајот.
Владата ја унапредува и ќе продолжи да ја унапредува двонасочната комуникација со медиумите како еден од примарните владини комуникациски принципи. Премиерот, министрите, владините претставници, прес службите, сите кои сме во контакт со медиумите, постојано мораме да ја подобруваме комуникацијата, да одговараме на сите прашања, точно и навремено. Тоа е наша обврска кон демократската јавност, но во исто време и нашето најсилно оружје во борбата со дезинформациите.
Денес кога македонското здравството и сите граѓани се бориме со глобалната пандемија КОВИД-19, точните информации се во постојана борба со лажните вести.
Апелирам да се вложиме сите во навремено, точно и масовно информирање и да се спротивставиме на дезинформирањето кое има цел да создава лажна слика, да плаши и да крева паники и да ги носи граѓаните до опасност.
Информацијата е јавно добро. Дезинформацијата е опасноста.
На сите медиумски работници им го честитам 3 Мај, Денот на слободата на медиумите!