Лекар во Гевгелија нападнат од возач на Итна медицинска помош
Државен завод за статистика: Почнува самопопишувањето во странство
Денеска, во просториите на Министерстово за надворешни работи се одржа тематска прес-конференција за почетокот на попишувањето во странство на која присуствуваа директорот на Државниот завод за статистика, г. Апостол Симовски, и министерот за надворешни работи, д-р Бујар Османи. На прес-конференцијата јавноста се информираше дека попишувањето од странство започнува на 1 март 2021 година, и истото опфаќа два аспекта:
- Попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство, македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/ домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица како и сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој. Попишувањето на овие македонски државјани ќе се одвива во периодот од 1 до 15 март 2021 година
- Самопопишување на македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, подолго од 12 месеци. Попишувањето на овие македонски државјани ќе се одвива во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.
Министерот за надворешни работи, д-р Бујар Османи, истакна дека Министерството за надворешни работи, преку дипломатско-конзуларните претставништва ќе биде логистичка поддршка, со цел информирање на македонските државјани во странство и одговарање на прашања. Тој појасни дека во рамките на Министерството веќе се обезбедени посебни линкови и телефони за контакт, а ќе се користат и социјалните мрежи за контакти со македонските државјани во странство.
Понатаму, министерот Османи нагласи дека Пописот е многу важен од аспект на обезбедување на податоци за структурата на македонските државјани кои живеат во странство и ќе даде одлична можност за планирање на политиките на државата кон дијаспората, особено за подобрување на услугите кои Министерството ги нуди кон нив.
Директорот на Државниот завод за статистика, г. Апостол Симовски, истакна дека попишувањето од странство претставува сложен и значаен процес бидејќи бара огромна посветеност околу организацијата и реализацијата на активноста за што Министерството за надворешни работи ги става на располагање на сите капацитети на Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство.
„ Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата е-маил адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“ – истакна директорот Симовски
Веб-апликацијата е достапна на следниве линкови:
Понатаму, директорот Симовски рече дека Министерството за надворешни работи и сите дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија во странство ќе ги искористат сите можни канали и контакти со здруженија на граѓани, верски здруженија, здруженија на студенти за споделување на информациите за Пописот и самопопишувањето. Сето ова е со цел колку што е можно поголем број на државјани на Северна Македонија кои престојуваат во странство да се самопопишат за да се добие слика за бројот на лицата кои се отселиле, како и нивната возрасна, образовна и економска структура, од каде се иселиле и во кој период. Овие податоци се од исклучителна важност за анализа и изработка на стратегии и политики за намалување на емиграциониот бран и планирање на развојни политики кои ќе овозможат услови за нивно враќање во татковината.
На крај, директорот Симовски информираше дека во периодот од 1 до 15 март заедно со Министерството за одбрана ќе бидат попишани лицата што за време на Пописот се наоѓаат во служба на Армијата на Република Северна Македонија, во државата или во странство, заедно со Министерството за правда ќе се изврши попишување на лицата што за време на Пописот се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови и заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе бидат попишани лицата бездомници.