„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Една година успешна работа на “Европската куќа“ во Струмица
По повод една година активно работење на “Europe House“ Струмица, денес во официјална посета на Општината престојуваат значајни претставници од дипломатскиот кор во нашата земја. Делегацијата составена од Дејвид Гер, Амбасадор на Европската Унија во Р. Северна Македонија, Џулијан Васало, Заменик-Амбасадор на Европската Унија во државата, Анке Холштајн, Амбасадорка на Германија во Р. Северна Македонија, Милан Предан, Амбасадор на Словенија во Р. Северна Македонија, Нивeс Тингањ, Амбасадорка на Хрватска во Р. Северна Македонија и Димитар Карастојанов заменик Амбасадор на Бугарија во државата, оствари официјална средба со Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.
Во рамки на оваа значајна средба и во ваков формат, се разговараше за високото ниво на соработка помеѓу Европската Унија и Општина Струмица, каде посебен акцент беше ставен на улогата на младите во општествениот живот.
Како дел од програмата, гостинската Делегација придружена од Градоначалникот на Општина Струмица иГрадоначалници од Југоисточниот Регион присуствуваа на свеченоста по повод одбележување на една година активна работа на “Europe House” Струмица.
Во изминатата година, “Europe House“ Струмица реализираше преку 180 настани со повеќе од 8.000 присутни. Во фокус на младите беа различни проекти од областа на уметноста и културата кои ги доближија европските вредности до младите Струмичани, истовремено збогатувајќи го нивното секојдневие.
Во оваа прилика, Н.Е. Гер и Градоначалникот Костадинов ги охрабрија младите Струмичани и понатаму да продолжат посветено да работат на нови иницијативи и проекти за развој и негување на позитивни вредности во нивниот град.
Како дел од обраќањата, Амбасадорот на Европската Унија во Р. Северна Македонија и Градоначалникот на Општина Струмица ја нагласија важноста на заедничката соработка и негувањето на европските идеали како клучен сегмент за продолжување на европскиот развој на Струмица и пошироко.
“Пред точно една година, Европската Делегација го предаде клучот од “Europe House“ на младите во Струмица, симболично доверувајќи им ја европската иднина. Денес, искрено сакам да честитам и да го поздравам реализираното во изминатата година. Од суштинска важност е посветеноста на сите активни учесници во проектот и нивниот фокус кон Градот, Општина Струмица, но и кон овој Микро-Регион во југоистокот на државата. Во оваа прилика, сакам да честитам и да се заблагодарам за несебичната и безрезервна поддршка од Општина Струмица и секако, да ги охрабрам сите учесници од “Europe House“ да продолжат мотивирани, со уште посилно темпо, во развојот и промовирањето на европските вредности.“ – потенцираше Дејвид Гер, Амбасадор на Европската Унија во Р. Северна Македонија.
„Денес, Делегацијата на Европската Унија и сите присутни Европски Амбасадори уште еднаш нѐ охрабрија и потврдија дека со реализација на заеднички проекти, преку взаемна почит, доверба, труд и посветена работа, европските резултати во Струмица се гарантирани. Продолжуваме со љубов да работиме на зацртаните планови и проекти за европеизација на нашата Општина. Оваа визија ја потврдуваме и со кандидатурата за европска младинска престолнина за 2025 година, кое претставува поттик за сите нас уште повеќе да се ангажираме. Верувам дека таа заложба ќе биде препознаена и поддржана од сите европски Авторитети.“ – изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Општина Струмица.
На овој значаен ден за Општина Струмица, високата Делегација составена од дипломатски кор ќе има можност да проследи изложба на отворено и музички перформанс на младите активисти учесници во проектот “Europe House“, по што, присутните имаа можност да ги разменат своите искуства и мислења од изминатата година активна работа на “Europe House”.
За крај на официјалната посета, Делегацијата ја погледне и изложбата на најстари икони од Струмичкиот Регион, можност за уште подобро запознавање со богатата историја и култура на Струмица и Струмичкиот Регион.