Предавање во Струмица: „Патолошки нарцизам“

Ротари клуб Струмица организира предавање на тема „Патолошки нарцизам“, кое ќе се одржи на 25 септември 2026 година (петок), со почеток во 19:00 часот, во конференциската сала на хотел „Сириус“ во Струмица.
Што се крие зад изразената потреба за внимание, восхит и контрола? Како да го препознаеме патолошкиот нарцизам и на кој начин тој влијае врз партнерските, семејните и другите меѓучовечки односи?
На овие и на други прашања поврзани со оваа сè поактуелна тема ќе говори д-р Милијана Кацарска, која преку стручен осврт ќе ги доближи карактеристиките на патолошкиот нарцизам, начините на негово препознавање и неговото влијание врз луѓето и односите во нивното опкружување.
Целта на предавањето е да придонесе кон подобро разбирање на нарцизмот и подигнување на свеста за важноста на здравите меѓучовечки односи, личните граници и навременото препознавање на штетните модели на однесување.
Настанот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани граѓани.
Ротари клуб Струмица ги поканува граѓаните да присуствуваат на оваа интересна и корисна средба и да дознаат повеќе за една тема која сè почесто е присутна во секојдневните разговори, но неретко е погрешно разбрана.