Костадинов: Жените се срцето на нашата заедница – основата на нашите семејства
Европската Комисија со потврда за активностите на Здружението на новинари и на Советот за етика во медиумите
Во Извештајот за напредокот на земјата интензивирањето на заложбите за саморегулација се посочува како фактор за напредок на професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, а во делот поврзан со слободата на изразување се нотира и формирањето на Регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk) од страна на ЗНМ и СЕММ, како механизам за саморегулација во оваа сфера низ доброволно приклучување на медиумите. Токму главната цел на овој Регистар е да ѝ помогнеме на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење и оваа идеја е препознаена од страна на Европската комисија.
Генералната оценка во извештајот, во однос на Поглавјето 23, во делот на слободата на изразување, е дека: „Земјата има одредено ниво на подготвеност / е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и е постигнат ограничен напредок во текот на периодот на кој се однесува извештајот“.
Понатаму, се додава дека „целокупната состојба и климата во која што дејствуваат медиумите остануваат генерално погодни за нивната слобода и овозможуваат критичко известување“. Но, сепак реалноста потврдува дека сè уште постојат ограничувања за слободен и непречен пристап на медиумите до информации, особено во контекст на кризата предизвикана од ковид-19, но и случаи во коишто извесен број на медиуми сериозно потфрлиле во исполнувањето на својата улога да информираат во интерес на јавноста.
ЗНМ и СЕММ потсетуваат дека повеќепати е укажано на политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кога се обидувале да ја избегнат својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста и кога медиумите ги претставувале или третирале како непријателска страна, барајќи од нив сериозен однос кон процесот на информирање, без рестрикции, импровизации и фаворизирање. И покрај неколкуте позитивни примери во кои имало јавно извинување за односот кон новинарите, сепак во извештајот е истакнат проблемот дека „политичарите и јавните функционери потребно е да имаат поголем праг на критика и да го промовираат начелото на слобода на изразување“.
Проблеми во новинарското известување беа забележани и во предизборниот и изборниот период во државата, а ЗНМ и СЕММ реагираа и ги предупредија медиумите дека со тоа не само што сериозно ги нарушиле етичките стандарди и норми за известување, туку и се однесувале во спротивност со Изборниот законик, на штета на изборниот процес и послужиле како орудие во рацете на партиски центри.
Двете организации веќе реагираа дека дел од онлајн медиумите каде што беа забележани ваквите случаи се наоѓаат на списокот на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање со парите на сите граѓани, од Буџетот и дека со непочитувањето на фундаменталните принципи на известување тие се ставале во ист кош со професионалните редакции.
Во делот кој се однесува на заплашување кон новинарите, се цитира статистиката на ЗНМ за напади кон новинари, а препораката е слична и на минатите години и вели дека треба да се: „обезбеди брзо и ефективно следење од страна на органите за спроведување на законот и судските органи на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари“.
Извештајот, исто така, се осврнува и на проблемот кој се однесува на платената политичка програма и вели дека „новата пракса политичките партии да користат јавни фондови за оваа намена создава грижа помеѓу новинарските асоцијации дека има можност да се влијае на независноста на медиумите“.
Реформата на јавниот сервис и оваа година не е изоставена во извештајот на ЕК и во овој дел се констатира проблемот за независноста на финансирањето, како и фактот дека МРТ добива помалку пари кои се предвидуваат со закон, а ова го доведува во прашањето и на функционирањето на овој медиум.
Со оглед на фактот што клучните забелешки од Брисел се однесуваат, всушност, на проблеми што и нашите организации ги нотираат, и СЕММ и ЗНМ, уште еднаш, заеднички апелираат да се засилат напорите, пред сè, од страна на институциите на државата во овозможувањето на услови за непречена работа на новинарите и на медиумите.
Паралелно со тоа бараме и поголема одговорност во однос на етичкото известување на медиумите, особено во услови на општествени кризи и предизвици.