„Комуналец“ почна со чистење на дивите депонии во населените места
Донирана комора за Ковид-19 тестирање во Центарот за јавно здравје Струмица
Центарот за јавно здравје во Струмица се опремува со комора со која ќе прави брза анализа на земените тестови за Ковид – 19 во својата лабораторија. Ова практично ќе значи дека примероците за тестирање нема да се праќаат во акредитираните лаборатории во Скопје, туку лабораторијата во Струмица самостојно ќе може да изработи околу 100.000 тестирања за целиот регион. Набавката на комората е донација од „Еуромакс ресоурцес“, меѓународната компанија која го развива проектот за рударскиот мега-комплекс Иловица – Штука.
Центарот за јавно здравје Струмица е една од најстарите здравствени институции во земјава која ги опслужува жителите на општините Струмица, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село и околните села. Според директорот на Центарот, Петре Витанов донацијата ќе овозможи значајно да се скрати времето на чекање на резултатите од земените брисеви.
„Центарот ја поседува опремата за докажување Ковид – 19, но недостигаше оваа таканаречена ламинарна комора за процесот да го реализираме во нашата лабораторија. Од таа причина, изминатиот период сите лабораториски испитувања за Ковид – 19 траеја по неколку дена бидејќи примероците се испраќаа во Институтот за јавно здравје во Скопје. Донацијата од Еуромакс ресоурцес ќе овозможи побрзо да им одговориме на оние кои чекаат резултати од тестирањето, што ќе значи и побрзо да се преземаат мерки за превенција и заштита на здравите и спречување на ширење на вирусот“, рече директорот на Центарот за јавно здравје – Струмица, Петре Витанов.
Ова е втора донација на Еуромакс Ресоурцес во здравствениот сектор во Струмица, откако минатиот месец и во оваа општина беше регистриран раст на бројот на заразени со корона вирусот.
Директорот за корпоративни комуникации и односи со јавност, Живко Груевски вели дека приоритет останува заштитата на здравјето на населението и на здравствените работници.
„Најавивме продолжување на донаторските активности во струмичкиот регион и денес сме тука со таа цел. Како општествено одговорна компанија веруваме дека со населението треба да се гради партнерски однос и соодветно да помогнеме за подобрување на животот во регионот и пошироко. Нема тука да застанеме. Напротив, компанијата веќе изгради став дека согласно нашата обврска кон локалната заедница ќе одвојуваме наменски фонд од по еден милион евра годишно за финансирање на повеќе локални проекти во првите две до три години по започнување со интензивна изградба на проектот. Ова би биле сосема нови и различни проекти за заедницата од оние големи инфраструктурни зафати кои се дел од нашиот генерален Проект. Развојот на регионов е еден од приоритетите и на Еуромакс“, рече Груевски.
Минатата недела Еуромакс донираше заштитни маски и скафандери во Здравствениот дом – Струмица.
Еуромакс Ресоурцес, инвеститорот на мега проектот „Рудник на можности“ опстојува на определбата Иловица – Штука да биде модерен рударски комплекс, изграден и управуван согласно највисоките европски и светски стандарди. „Рудникот на можности“ значајно ќе влијае и врз домашната економија , и тоа според постојните проценки на годишно ниво ќе овозможи раст на бруто домашниот производ за 3% и ќе се квалификува во првите ТОП 3 извозни компании од Република Северна Македонија. Досега во проектот се инвестирани над 50 милиони евра, а првата фаза на изградба треба да чини околу 340 милиони евра. Комплексот во периодот на изградба и подоцна ќе вработи околу 1000 лица, од кои половината ќе бидат директно вработени во рудникот. Преку соработници и снабдувачи за потребите на рудникот, ќе се ангажираат и дополнителни 2700 лица.