СНЕМУВА БАКАР, ГЕРМАНИЈА БАРА ДА СЕ ПРАВАТ ЗАЛИХИ НА РУДИ ВО ЕУ Македонија не го користи бакарот од Иловица

Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина, изјави германскиот канцелар Мерц.
Во рудниците за бакар се потребни нови инвестиции во вредност од приближно 332 милијарди долари за да се спречи иден шок во понудата, покажува проценката на последниот извештај на BloombergNEF. Се очекува побарувачката на бакар за потребите за електрификацијата да порасне за 89%, на 23,3 милиони тони во 2050 година. Дури и со неопходните инвестиции, недостигот би можел да продолжи барем до 2043 година поради просечното време за развој на еден нов рудник, кое во просек изнесува околу 17 години.
„Се очекува пазарот на бакар да влезе во дефицит во 2028 година, бидејќи побарувачката се зголемува, а производителите се борат да го компензираат падот на производството. Електричниот транспорт е најбрзорастечката примена на бакарот. Електричните автомобили, камиони и автобуси, чиешто усвојување нагло ќе се забрза помеѓу 2026 и 2050 година, изискува количества на бакар во моторите, инверторите, батериите, високонапонските кабли и полначите. Црвениот метал, исто така, ќе продолжи да биде баран во градежништвото, индустриското производство и стоките за широка потрошувачка. Центрите за податоци претставуваат само ‘капка во морето’ од вкупната побарувачка за бакар“, пишува во Извештајот.
Во Македонија единствена нова инвестиција за бакар е во рудник во Иловица, чија првична тежина изнесува околу 350 милиони евра. Оваа инвестиција сѐ уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за геолошки истражувања на наоѓалиштето, издадена во 2004 година. Подоцнежните истражувања покажаа дека е возможно просечно годишно производство до 16.000 тони бакар, со животен век на рудникот од околу 23 години. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект во Македонија.
Инаку, според аналитичарите, на светско ниво веројатно има доволно бакар под земја, но новите рудници и проширувањето на постојните не напредуваат доволно брзо за да го компензираат намалениот принос од постојните наоѓалишта.
– Тешкотиите со кои се соочува рударството во зголемувањето на производството се главната тема во еден многу, многу тесен пазар. Веќе се намалуваат проценките во постојните рудници. Станува збор за истрошени, многу стари наоѓалишта и недостиг на развој на нови ископи за снабдувања на пазарот – изјави Еви Хамбро, глобален раководител за тематски и секторски инвестиции во BlackRock Inc., во интервју за Bloomberg.
Се очекува намалувањето на концентратот на бакар во ископаната руда да ги зголеми трошоците за производство, а рециклирањето да не биде доволно за да го компензира понискиот принос од примарните извори. Од друга страна, високата електрична спроводливост и издржливоста на бакарот отежнуваат тој да биде заменет со други метали.
Ваквата состојба со критичните суровини, каков што е и бакарот, која силно ќе влијае на економиите, а со тоа и на националната безбедност, го крена црвениот аларм во Германија. Канцеларот Фридрих Мерц, минатата недела на самит за енергетика, посочи дека Европа мора да создаде залихи од критични суровини за да ја намали зависноста од земјите што доминираат во нивното ископување и преработка.
– Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина. Државите мора да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија – ова е многу конкретен предлог што го изнесувам – Брисел да создаде залихи, на европско ниво – истакна Мерц.
Како што потсети Ројтерс, Европската Унија, заедно со другите големи западни економии, во значителна мера зависи од Кина за критични минерали и компоненти, како што се батериите и ретките земни елементи, кои се користат во одбраната, воздухопловство и вселенска индустрија, автомобилската индустрија и обновливите извори на енергија.
(преземено од www.plusinfo.mk, линк од објавата:https://plusinfo.mk/snemuva-bakar-germanija-bara-da-se-pravat-zalihi-na-rudi-vo-eu-makedonija-ne-go-koristi-bakarot-od-ilovica/)