ЗНМ: Осуда за повиците за насилство и заканите кон новинарката Милка Смилевска
ЗНМ: Осуда за повиците за насилство и заканите кон новинарката Милка Смилевска

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува вознемирувачките коментари, омаловажувањата и експлицитните повици за насилство упатени кон новинарката Милка Смилевска на социјалната мрежа Фејсбук.
Профил именуван како „Вистината боли“ споделил тенденциозна фотомонтажа од колешката Смилевска, по што во коментарите под објавата се појавиле експлицитни повици за насилство кон неа. Меѓу нив е и коментарот: „Krshenje koski na orospii plateni od soros satanata.“ Ваквата формулација претставува директно повикување на физичко насилство и е особено загрижувачка поради нејзината експлицитна содржина.
Ваквите содржини се крајно неприфатливи и претставуваат сериозна закана за личната безбедност на новинарката, но и директен обид за заплашување и замолчување на новинарите преку дигиталниот простор.
Потсетуваме дека слободата на изразување не смее да се користи како оправдување за закани, поттикнување насилство, лични дискредитации и говор со кој се загрозува безбедноста на новинарите.
Ниту едно несогласување со новинарски став, извештај или професионален ангажман не може да биде оправдување за повикување на насилство.
ЗНМ го пријави случајот до Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) и бара итно постапување, идентификување на лицата кои упатуваат закани и преземање соодветни законски мерки и санкции кон сторителите.
Истовремено, бараме од МВР сериозно и без одлагање да ги испита објавените содржини и да преземе мерки за заштита на личната безбедност на колешката Смилевска.
Институциите не смеат да ги третираат ваквите закани како обични коментари на социјалните мрежи, особено кога станува збор за експлицитни повици за физичко насилство.