Полициски билтен:семејно насилство, физички напад со остар предмет, радовишанец се заканувал на вработени во странска амбасада во земјава

На 06.11.2026 во село во општина Ново Село, полициски службеници од СВР Струмица лишија од слобода 62-годишен жител на тоа село, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом агресивно се однесувал кон неговата 57-годишна сопруга. Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 06.11.2026 во Полициската станица Струмица 65-годишен жител на струмичко село, пријавил дека неговиот 33-годишен син, кој бил со нарушено психичко здравје агресивно се однесувал кон него. За настанот е известен јавен обвинител, а лицето е спроведено на лекување во медицинска установа.
Ноќеска (07.11.2026) во 00:50 часот во струмичко село полициски службеници од СВР Струмица лишија од слобода 38-годишен жител на тоа село. Според пријавеното тој во семејниот дом физички ја нападнал неговата 33-годишна сопуга, по што и нивните малолетните деца ги истерал од куќата. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 06.11.2026 во Полициската станица Радовиш, Р.Е.(21) од село Раклиш, радовишко, пријавил дека околу 22:15 часот на ул. „22 Октомври“ во Радовиш бил физички нападнат од С.М., кој извадил и остар предмет со кој мавнал кон пријавителот, но не го погодил. С.М. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш, а за настанот бил известен јавен обвинител. По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава.
СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава до ОЈО Струмица против Ѓ.Н. (37) од Радовиш, поради основано сомнение за сторено кривично дело „загрозување лица под меѓународна заштита“ по член 420 став 4 од Кривичниот законик. На 04.11.2026 година, пријавениот телефонски се јавил во амбасада на странска држава во земјава и на странски јазик упатил сериозни закани кон вработените, загрозувајќи ја нивната сигурност. Настанот бил пријавен на 05.11.2026 година во МВР, по што полициски службеници го пронашле и лишиле од слобода Ѓ.Н., кој во службен разговор го признал делото. По поднесената пријава, а врз основа на предлог на јавен обвинител, судија од Основниот суд Струмица донел решение за негово упатување на психијатриско посматрање во соодветна здравствена установа.