ГОДИШЕН ОТЧЕТ за работењето на директорот Зоран Ристов на Казнено поправната установа – Затвор Струмица за периодот од 24.07.2024 до 24.07.2025 година

 ГОДИШЕН ОТЧЕТ  за работењето на директорот Зоран Ристов на Казнено поправната установа – Затвор Струмица за периодот од 24.07.2024 до 24.07.2025 година

Овој годишен отчет дава преглед на активностите, резултатите, предизвиците и напредокот во работењето на КПУ Затвор Струмица, под водство на директорот, за период од една година. Целта е да се прикаже транспарентно и одговорно управување, подобрување на условите во установата и унапредување на работниот процес.

Затворите се една од најсложените и најчувствителните установи за раководење. Како установи со специјален режим на работа, тие функционираат 24 часа на ден, 7 дена во неделата, со постојано присуство на ризици, кризни ситуации и висок степен на одговорност. Раководењето со ваква институција бара постојана подготвеност, способност за брзо донесување одлуки, прецизно спроведување на безбедносни протоколи како и силни организациски и комуникациски вештини. Константниот притисок, потребата за 24-часовна приправност и справување со лица од висок ризик, ја прават оваа дејност една од најпредизвикувачките во јавниот сектор.

Наследената состојба во Затвор Струмица беше со сериозно нарушена безбедност, како резултат на долгогодишно неодговорно и несоодветно управување. Безбедносните протоколи беа запоставени, постоеше слаб надзор над осудените лица, а дисциплината меѓу персоналот беше на ниско ниво. Недостигот на функционална контрола и отчетност, застарена техничка опременост и отсуство на редовна обука и надзор врз затворската полиција дополнително ја влошуваа внатрешната безбедносна состојба. Сето ова доведе до зголемен ризик од инциденти, бегства, недозволени контакти, внесување на забранети предмети и сериозни злоупотреби од страна на дел од персоналот .

Вработени кои со години работеле под неправилни услови, без системска поддршка, со нерамномерно распределени обврски и без чувство на правичност, губат доверба во институцијата. Тоа резултира со намалена работна ефикасност, отпор кон промени, недоверба во новото раководство и општа деморализација на колективот.

Најголем дел од моето време и енергија во изминатиот период го посветив токму на тој аспект – враќање на довербата кај вработените, стабилизирање на работните односи, воспоставување јасна комуникација и создавање чувство на припадност и вреднување. Верувам дека само преку стабилен и мотивиран кадар можеме да изградиме функционален, безбеден и хуман затворски систем.

Во изминатата година беше постигнат значителен напредок во сите сегменти од функционирањето на установата, како во однос на подобрување на работните услови и мотивацијата на вработените, така и во однос на ресоцијализацијата, дисциплината и работната ангажираност на осудените лица. Преку посветена работа, транспарентен пристап и воспоставување на јасна организациска структура, успеавме да создадеме стабилна и поефикасна институција која ја исполнува својата функција согласно законските надлежности и современите стандарди на пенолошката практика.

Една од значајните промени во изминатиот период беше решавањето на долгогодишниот проблем со тужбите од страна на затворската полиција во делот на исхраната. Со навремено реагирање, правна анализа и корекција на постапките, успеавме да го стопираме процесот на нови тужби и да воспоставиме правично и законито постапување. Затвор Струмица ги зајакнува мерките за безбедност со нов систем за видео‑надзор: напреден мониторинг во служба на заштитата и транспарентноста Дополнително, за првпат по подолг период, беше обезбедена и набавка на нови униформи за затворската полиција, што директно придонесе за подобрување на работните услови, унапредување на имиџот на службата и зголемување на чувството на припадност и професионалност кај вработените.

Во изминатиот период беше постигнато значително подигање на безбедносното ниво во установата, со што се обезбеди постојана контрола и стабилност во сите одделенија. Преку зајакнување на физичкото обезбедување, зголемен надзор, строга примена на безбедносни процедури и засилена координација со затворската полиција и секторот за внатрешни работи Струмица а посебно начанликот Дејан Ефтимов за достапноста и решителноста за борба против криминалот, на тој начин  успеавме ефикасно да спречиме обиди за бегство и внесување на недозволени предмети и сл. Ваквиот пристап резултираше со зголемена дисциплина, безбедна средина и јасна порака дека во установата владее ред, контрола и законитост.

Во насока на јакнење на физичката безбедност на установата, во изминатиот период беше извршена изградба на бетонски ѕид со вкупна должина од 50 метри и висина од 4 метри, со што значително се подобри периметарската заштита и се зголеми контролата врз надворешниот пристап. Дополнително, беше поставена и метална ограда со должина од 15 метри и висина од 3 метри, како дел од мерките за превенција од потенцијални безбедносни ризици. Овие интервенции овозможија јасно дефинирање на заштитната зона, намалување на ранливостите и подигнување на безбедносниот капацитет на установата на повисоко ниво.

Како директор, континуирано се залагав за унапредување и доусовршување на вештините и способностите на сите вработени во установата. Во таа насока, во текот на изминатата година, значителен број припадници на затворската полиција и административен кадар учествуваа на различни обуки, семинари, предавања и стручни средби, со цел подигнување на нивото на стручност, ефикасност и професионално постапување. Особено внимание беше посветено на теми поврзани со безбедноста, комуникацијата со осудените лица, кризни интервенции, почитување на човековите права и етички стандарди во извршувањето на службените задачи.

Во текот на оваа година, како дел од програмата за ресоцијализација и општа поддршка на личниот развој во установата беа реализирани бројни работилници и предавања насочени кон осудените лица.
Темите беа внимателно одбрани и се однесуваа на предизвиците од секојдневниот живот, вклучувајќи меѓучовечки односи, управување со стрес, основни вештини за финансиска писменост, родителство, здрава исхрана, како и градење позитивни животни навики.
Предавањата беа одржани од стручни лица – психолози, социјални работници, правници и претставници од граѓанскиот сектор, со цел на учесниците да им се понуди поддршка и мотивација за личен напредок и полесна интеграција по издржувањето на казната.

Покрај едукативните активности, годинава беа организирани и неколку културни манифестации во вид на драмски изведби, покази вежби, спорт и др.
Овие настани имаа за цел да поттикнат креативност, да ја унапредат културната свест и да обезбедат позитивна и мотивирачка атмосфера во установата.
Посебен акцент беше ставен на вклученоста на самите осудени лица во подготовката и реализацијата на активностите, што придонесе за зголемување на нивната самодоверба и чувство на припадност.

Овие активности претставуваат значаен дел од воспитно-корективната работа на установата и покажаа конкретни резултати во однос на подобрување на однесувањето, соработката и психосоцијалната стабилност на осудените лица.
Со ваков пристап продолжуваме да ја градиме основата за поуспешна ресоцијализација и одговорна реинтеграција на овие лица во општеството.

Во насока на подобрување на условите за сместување, престој и работа, како и унапредување на целокупната инфраструктура, во наредниот период ќе се спроведат повеќе постапки за јавни набавки кои се однесуваат на:

Реконструкција на системот за парно греење.Постојниот систем за парно греење е веќе застарен и нефункционален во одредени делови од објектот, поради што се јавува потреба за негова целосна санација и модернизација. Со реконструкцијата се очекува:

  • подобрување на енергетската ефикасност,
  • постигнување на оптимална температура во објектите во текот на грејната сезона,
  • намалување на трошоците за греење на долг рок.

Изготвување на проектна документација за современа трпезарија и кујна. Во план е изработка на техничка документација за целосна реконструкција или изградба на нова, современа трпезарија со придружна кујна. Со проектот се предвидува:

  • подобрување на капацитетот за подготвување и сервирање на оброци,
  • набавка на современа кујнска опрема според ХАЦЦП стандардите,
  • подобрување на хигиенско-техничките услови за приготвување храна,
  • зголемување на функционалноста и безбедноста на просторот.

Со оваа инвестиција се очекува значително подобрување на квалитетот на исхрана и условите за работа на персоналот кој ја опслужува кујната и трпезаријата.

Сите овие активности се дел од поширокиот план за модернизација и подобрување на функционалноста, безбедноста и условите во установата. Преку навремено и транспарентно спроведување на јавните набавки, ќе се обезбеди ефикасна реализација на предвидените проекти.

Според законските прописи и правила, јас како директор има обврска да обезбедам слободно изразување на верските потреби на осудените лица и да им овозможам пристап до свештеници и духовници од сите религии кои ги практикуваат затворениците во таа насока црквата во Затворот Струмица е еден од ретките примери на верски објекти изградени во рамките на казнено-поправни установи во Република Македонија. Изградбата на црквата започна во 2013/2014 година под раководство на тогашната директорка Тања Достинова и со благослов на нашиот свет владика Наум, но поради различни причини, проектот бил во застој околу 7-8 години. Во 2025 година со благослов на Викарниот Епископ Стобиски Јаков градежните активности беа целосно завршени, вклучувајќи внатрешни и надворешни работи, останува уште да се изврши фрескоживописот во внатрешноста на Црквата, потребните градежни материјале беа донација во најголем дел од приватната фирма СИЛОТЕР и сопственикот Томи Запров за кој изразуваме голема благодарност.

Секоја година, по повод најголемите христијански празници – Божиќ и Велигден, Казнено-поправната установа Затвор Струмица традиционално е домаќин на посета од страна на претставници на Македонската православна црква – Струмичка епархија.

Овие посети претставуваат значајна духовна поддршка за осудените лица и персоналот, поттикнувајќи ги вредностите на простувањето, надежта и човековото достоинство.

Преку богослужби, молитви и разговори, се овозможува поблиска врска со верата и потсетување на христијанските начела, што е особено значајно за процесот на ресоцијализација и внатрешна преобразба на осудените лица.

Установата со почит ја прифаќа оваа традиција и во иднина ќе продолжи да ги поддржува ваквите духовни активности.

На крајот би сакал да истакнам дека како установа остануваме посветени на нашата мисија – да обезбедиме безбедна, хумана и праведна средина, во која ресоцијализацијата и враќањето на осудените лица во општеството се поставени како врвен приоритет. Благодарност до сите вработени за нивната посветеност, како и до сите институции и поединци кои соработуваат со нас. Заедно создаваме подобро и поодговорно општество.

Share via
Copy link