Костадинов: 100 деца добија вело легитимации
Каков прекрасен ден имавме денеска во Струмица. Нашите дечиња возеа на прекрасните велосипедски патеки по повод Светскиот ден на велосипедот.Општина Струмица продолжува посветено да работи на создавање на безбедна, достапна и пријатна средина за велосипедистите, особено за најмладите – а токму тие денес беа во центарот на нашето внимание, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Во рамките на проектот „Струмица – Вело Град“, беше претставена и успешно завршена првата програма од ваков вид во државата – „Вело Безбедност“, насочена кон развој на сообраќајна култура и безбедност на најмладите велосипедисти.
Преку оваа иницијатива, 100 деца добија Вело Легитимации – симбол на успешно завршена обука, а на сите учесници им беа доделени и заштитни кациги, како потсетник дека безбедноста секогаш треба да биде на прво место.
Драги деца користете велосипед секојдневно, почитувајте ги сообраќајните правила и секогаш носете заштитна кацига. Поттикнувајте ги и возрасните да возат велосипед – затоа што во Струмица, сè е блиску!, напиша струмичкиот градоначалник.