Костадинов: Струмица блесна на светската музичка мапа со спектакуларното четврто издание на Get EXITed

 Костадинов: Струмица блесна на светската музичка мапа со спектакуларното четврто издание на Get EXITed

Струмица уште еднаш го потврди својот статус на регионален музички центар, успешно организирајќи го четвртото издание на музичкиот спектакл „Get EXITed“. Големиот градски парк беше епицентарот на врвната забава, каде илјадници граѓани и посетители од целиот регион уживаа во настапите на светски и регионални музички ѕвезди.​

Овој настан, кој е дел од реномираното семејство на светски познатиот „EXIT“ фестивал, ја позиционира Струмица како единствен град во државата кој е домаќин на музички настан од ваков калибар.​

Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, кој беше домаќин на настанот, ја истакна важноста на континуитетот и успехот на фестивалот.​

„Пред три години, со многу ентузијазам и визија, рековме ДА на овој голем предизвик. Денес, со четвртото успешно издание, докажавме дека знаеме и можеме не само да ги исполниме, туку и да ги надминеме очекувањата. Струмица докажа дека е подготвена за светски настани, а довербата која ни ја укажа основачот и директор на „EXIT“, мојот драг пријател Душан Ковачевиќ, е целосно оправдана,“ изјави градоначалникот Костадинов.​

Присуството на голем број посетители и позитивната атмосфера во текот на целата вечер се уште една потврда за успешноста на организацијата и потребата од вакви културни манифестации.

Општина Струмица останува посветена на збогатување на културниот живот и промовирање на градот како атрактивна туристичка дестинација.​„Горд сум на моите сограѓани и на нашиот град.

Продолжуваме да работиме на проекти кои носат радост, го промовираат соживотот и докажуваат дека Струмица знае што сака и го заслужува најдоброто,“ додаде Костадинов.​

„Get EXITed“ фестивалот и оваа година ги оправда очекувањата, поставувајќи високи стандарди за идните изданија и зацврстувајќи ја својата позиција како еден од најзначајните музички настани во регионот.

Share via
Copy link