Струмичани во најголем дел не знаат да го селектираат отпадот и ги кршат контејнерите
Наградата „Владимир Георгиевски“ за младиот ликовен уметник Ѓорги Динев
Здружението за култура Транзен по шести пат ја реализира изложбата ,,Несовршен простор”. Се доделува и наградата,,Владимир Георгиевски”, во сеќавање на големиот мајстор на ликовната уметност, професорот Владимир Георгиевски. Добитник на наградата оваа година е младиот ликовен уметник Ѓорги Динев, а изборот на победникот беше направен во соработка со проф. д-р Фехим Хусковиќ. Оваа година наградата ја финансира и доделува семејството на професорот Георгиевски, соопштија денеска од Здружението „Транзен“.
Делата на Ѓорги Динев се структурални, енформелни, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред. Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Неговото сликарство е симбиоза на графичките техники и сликарскиот јазик. Ликовните закони не се секогаш во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело се потврдува преку отисоците и трагите од самиот автор, креаторот. Неговата целосна предаденост во процесот. Тие отисоци се видливи во делата на младиот уметник Динев. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А бојата е монохромна алхемија.
Темата на овогодишната изложба е ПУКНАТИНИ. Трагајќи по совршениот простор и пристап на ликовното дело, во концептот на изложбата ќе се бараат синхронизациите меѓу просторот во кој се создава и просторот во кој се изложува ликовното дело. И пак ќе се запрашаме: Постои ли совршено место за една слика, скулптура, графика, надвор од ателјето на уметникот? Како да ги вклопиме делата во светот? Постои ли совршен простор? И на оваа изложба ќе се направи синтеза од различностите меѓу стилските особености на неколку ликовни творци што активно создаваат во своите ателјеа: Андреј Митевски, Трајче Чатмов, Синиша Новески, Тони Попов, Перо Георгиев, Марјан Стојаноски, Љупка Галазка Василев, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Ѓорги Динев, Вангел Срнаков, Озбек Ајваз и Верица Арапова.
Изложбата ќе биде поставена во просториите на Europe House Струмица, и финансиски е поддржана од Делегацијата на ЕУ во Р. Македонија.