НЕ Е МЛЕКОТО. НИЕ СМЕ. МЛЕКОТО Е САМО ПОЧЕТОК…

Пишува: Митко Гогов
Не ми се пишуваше, но морав да се вклучам во дигиталната/ виртуелната агора со свое мислење, оти сепак и јас како и останатите граѓани чувствувам морална и правна разрешница на овој проблем со млекото, впрочем, ако беше само тој, но…Не е проблемот само во тоа што инспекциите откриваат производ со декларирани 20 проценти млечна маст, а во него има едвај еден процент, ова е разводнета одговорност.
Не е проблемот ни во тоа што некој наместо млеко продава евтини замени, ниту што казните се толку ниски што повеќе личат на трошок во бизнис-план отколку на санкција. Проблемот е што најголем дел од граѓаните веќе не знаат што јадат. Декларациите се претвораат во литература без уредник, во фикција отпечатена на амбалажа. секојдневно внесуваме доверба во организмот, а добиваме сомнеж. И не станува збор само за млекото. Станува збор за храната како последна линија на одбрана меѓу човекот и системот што одамна почнал да ги заборава своите обврски.
Кога редовните контроли откриваат неправилности, тоа не треба да нè смири, туку да нè вознемири. Бидејќи контролата е фотографија од еден миг, а производите се наоѓаат на рафтовите секој ден и ние добиваме декларирана лага. Ако денес се откриени неколку случаи, колку останале неоткриени? Ако декларациите можат да се печатат според туѓа фантазија, тогаш што навистина купуваме? Кој ги добива дозволите, по кои критериуми и под чија заштита? Во земја во која профитот станува поважен од здравјето, болеста повеќе не е несреќа, туку предвидлива последица. Некој заработува од секое премолчување, а некој друг плаќа со своето тело. Па баш денес, наместо за убави теми како детето, но не како иднина, туку како сегашност, кога го одбележуваме Светскиот ден на детето, вреди да се потсетиме дека токму децата се меѓу најголемите конзументи на млеко и млечни производи. Кога храната станува предмет на измама, најголемата цена ја плаќаат оние со најкревок организам и најмалку можности сами да го препознаат ризикот.
Затоа, да ми извинете, ова не е тажна приказна, ова е аларм. Општеството ни пука по шевовите во сите правци, а ние „буеме“, неми безгласни сведоци на секојдневието кое нè голта како потенцијални жртви. Луѓе ни исчезнуваат без одговори. Неодговорноста во сообраќајот одзема животи. По масовни трагедии, пожари и смрт на стотици луѓе, одговорноста се разводнува како лошо млеко. Предаторите често остануваат на слобода, а потенцијалните загрозени, во секоја смисла ја носат тежината на фактите, најчесто кон вечните почивалишта. Од храната што ја јадеме до институциите што треба да нè штитат, се создава ист впечаток: дека некој постојано ја заменува содржината со евтина имитација. а, едно општество не пропаѓа кога ќе остане без ресурси, пропаѓа кога ќе остане без вистина, без одговорност и без чувство дека човечкиот живот вреди повеќе од нечиј профит.
Сега, нормално продолжуваме со реклами, забавни шоуа од соседството, со по некоја ВИ монтажа, животот е сапуница, онака, лагано, еден пријател спомена денес еден збор, мојот би бил гнилоболие, оти гнили сме веќе одвнатре и отрпнати, едноставно не нè боли, сè додека не почувствуваме на сопствена кожа. Кога вакви информации од едно уво ни влегуваат, а низ друго ни излегуваат, масовната апатија ќе ни биде загарантирана со тапија уште многу години. За крај на ова писание, можеби би било и: „Не е млекото. Ние сме.“, а всушност мислам: „Не е грешка. Системот е.“