Одбележани 24 години од убиството на бранителите Атанас Јанев и Кољо Китанов
Одбележани 24 години од убиството на бранителите Атанас Јанев и Кољо Китанов
Општина Струмица денеска ја одбележа 24-годишнината од убиството на бранителите Атанас Јанев и Кољо Китанов во 2001 година. Пред спомен обележјето подигнато во нивна чест беше положено свежо цвеќе, а за херојството на бранителите зборуваше Танкица Митрева, член на Советот на општина Струмица.
-Има една народна мудост која вели: „Времето најдобро ги лекува раните“. Колку и да има вистина во кажаното, сепак нашата реалност за некои трагични случувања од минатото кажува поинаква вистина. Некои настани едноставно не се забораваат, без оглед на тоа колку време поминало од нивното случување. Некои рани болат и печат со ист интензитет како што болеле и печеле во времето на нивното настанување. Таков е и случајот со загинувањето на нашите сограѓани и бранители Атанас Јанев и Кољо Китанов, кои трагично ги положија своите млади животи, бранејќи ја својата македонска татковина. Таа голема загуба, тој наш непребол трае цели 24 години, и ќе трае се додека постоиме ние, но и сите наши потомци кои ќе ја учат од нас поновата историја на Македонија. Тоа е така и така мора да биде, затоа што сите до еден мора да бидеме свесни дека во оваа земја постоеле непоколебливи луѓе кои од љубов кон својата родна грутка, храбро биле исправени на браникот на татковината. За жал, во таа по многу нешта злокобна, неразумна и конфликтна 2001 година, немал број мајки и татковци останаа без своите синови, а нивните семејства и мештани останаа без своите ближни, сакани и почитувани ликови. За наша голема жал, меѓу нив се најдоа и семејствата Јаневи и Китанови, рече Митрева.
Во чест на бранителите Јанев и Китанов, револуционерна поезија рецитираа рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“.