Перински: Конкретни вложувања во Југоистокот: енергетски поефикасен јавен објект, безбедни улици и модерна настава
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев,градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, и градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, извршија увид на тековните инвестиции што се реализираат преку Програмите за рамномерен регионален развој.
Во фокусот на посетата беа три значајни проекти кои опфаќаат повеќе активности и се спроведуваат во различни општини од Југоисточниот регион:
- „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот регион“ – проект со вкупна вредност од 33.825.422 денари. Корисници на проектот се општините Радовиш, Гевгелија и Босилово.
- „Создавање на модерна патна мрежа во Југоисточниот плански регион“ – проект со вкупна вредност од 8.866.118 денари. Корисници на проектот се општините Босилово и Василево.
- „Дигитализација во основното образование со помош на смарт табли“ – проект со вкупна вредност од 2.268.000 денари, со кој се обезбедени 23 интерактивни табли за основните училишта во општините Василево, Богданци, Босилово и Ново Село.
„Во Радовиш, пожарникарите добија поекономичен објект во кој можат мирно да ја вршат својата работа. Во Босилово и Василево движењето е полесно за сите – од ученици до земјоделци, се со цел да можеме брзо и безбедно да стигнеме до услугите што ни се важни. А во училиштата во неколку општини поставивме современи табли, за наставата да биде поинтересна, поблиска до децата и поупотреблива во пракса.“, истакна министерот Перински и додаде „Задоволен сум што оваа Влада покрај интервентната мерка преку двата јавни повика за поддршка на инфраструктурни проекти изнајде средства и другите програми како што е Програмата за рамномерен регионален развој да не замрат, туку и преку нив да се финансираат значајни проекти.“
Со реализацијата на овие инвестиции се придонесува кон подобрување на условите за живот на граѓаните и се создаваат можности за одржлив локален развој на целиот Југоисточен регион.