Полицијата улови повеќе лица кои вршеле превоз на патници на диво
Почна мерењето на квалитетот на воздухот во Општина Струмица
Во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Северна Македонија во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Струмица, а со финансиска поддршка од Шведска, од денеска во ООУ „Никола Вапцаров“ и Клон 6 на градинката „Детска радост“ се врши мерење на квалитетот на воздухот, што е прво вакво мерење и во општината и државата во затворени простории.
Мерењето и анализите ќе ги направи лабораторијата АМБИКОН при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која е акредитирана за ваков вид на мерења. Мерењата ќе се направат во согласност со препораките на Светската здравствена организација и локалните специфики за квалитетот на воздухот, кои ќе вклучат повеќе анализи.
За да се утврдат сезонските флуктуации на концентрациите на одредени загадувачи примероците ќе се земаат во две фази – за време на студените месеци (ноември до март) и за време на топлите месеци (мај до септември). Програмите за земање примероци во секоја институција ќе опфаќаат период од најмалку една недела и ќе вклучуваат мерења направени пред, за време и по часовите. Факторите кои влијаат на квалитетот на воздухот во затворените простории (согорување на енергеси внатре во објектот, видови на мебел, опрема и слично) исто така ќе бидат документирани. Дополнително, ќе биде анализирана и надворешната средина, вклучително и близината до сообраќајници, индустриски извори на загадување и слично.
Паралелно на ова се врши мерење и анализа на квалитетот на воздухот на отворен простор за период од 12 месеци.По добиените резултати, ќе се креира сет на препораки и мерки за унапредување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на најмладите.
Мерките и активностите се половина од програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска и другата половина од буџетот на општина Струмица.
Во рамките на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ за кој ќе бидат донирани опрема од страна на проектот за одделенијата за инспекција и за одделението за заштита на животната средина.
Активноста се води преку одделението за заштита на животната средина во рамки на секторот за Локален економски развој.