„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Предадена во употреба новата спортска сала во Гимназијата „Јане Сандански“
Од денеска СОУ „Јане Сандански“ има нова спортска училишна сала со вкупна површина од 450 метри квадратни. Учениците и професорите добија современи услови за изведување на наставата по физичко образование.
Салата во употреба ја пуштија градоначалникот Костадин Костадинов и директорката на училиштето Невенка Стојанова и е заедничка инвестиција на општина Струмица и СОУ „Јане Сандански“.
-Денеска е убав ден за средното училиште „Јане Сандански“ и уште поубав за цела Струмица. После 40 години нашата Гимназија добива училишна спортска сала каква што заслужува најстарото училиште во Струмица, училиштето кое низ годините наназад давало многу успешни луѓе и големи успеси, со кои сме горди и денешната администрација, јас како градоначалник и сите луѓе кои имале било каква допирна точка со Струмица. Посакувам уште многу таленти да даде гимназијата, уште многу спортски легенди како што е Владо Илиевски со кој веќе разговаравме, игралиштето на отворено да биде негова донација, во знак на благодарност кон училиштето коешто е најголем виновник за тоа што денеска е Владо Илиевски, не само струмичка, туку и македонска легенда. На професорите, на учениците, на целиот тим, кој што се погрижи оваа убава спортска сала да биде наша реалност, им честитам и посакувам да ни се множат успесите и во спортот и во спортската инфраструктура, оти Струмица веќе и нема училиште коешто не е реконструирано и во градот и во населените места, така да влегуваме во една нова етапа во модерната историја на Струмица, рече градоначалникот Костадинов.
Салата е со димензии 15 на 30 метри, а има и простор со гардероби, канцеларии за професорите и помошни простории-магацини за складирање и чување на реквизитите. Покрај активностите поврзани со физичкото образование на учениците од ова училиште во мали спортови како што се кошарка, одбојка, гиманстика, ракомет и слични други активности, оваа сала ќе служи и за одржување на натпревари.