„Комуналец“ поставува контејнери и дели канти за селектирање на отпадот
Промовирани негувателите за стари и лица со попреченост во општините Ново Село и Василево
Општинската организација на Црвен крст Струмица со доделување сертификати на 14 негуватели на стари и лица со попреченост денеска ги промовираше давателите на оваа социјална услуга во општините Василево и Ново Село, кои ќе се грижат за вкупно 28 лица.
-Проектот за подобрување на социјалните услуги е финансиран од Министерството за труд и социјална политика преку заем од Светска банка и досега се набавени униформи, медицински и санитетски материјали опремени се две инфо канцеларии, а набавено е и едно возило за теренски посети. Во текот на наредниот период ќе бидат поставени и промотивни материјали во двете општини како и во населените места а тимови на Црвен крст ќе излезат на терен со цел да извршат мапирање за изнаоѓање на потенцијални корисници на услугата помош и нега во домот, рече на денешната прес конференција Менче Златинова, координатор на проектот.
Присутните негуватели и градоначалниците на Ново Село и Василево, Никола Андонов и Марјан Јанев, ги поздрави претседателот на ОО Црвен крст Струмица, д-р Васил Тунев.
-Ве научивме како да се однесувате во домовите на лицата за кои ќе се грижите. Нашето учење беше тука теоретски и пракса, но не ве оставаме сами на теренот-ќе дојдеме и ќе ве контролираме во секој дом каде што ќе сте. На сите ви честитам за успешно завршената обука, бевете одлични, рече претседателот Тунев.
Градоначалниците на Ново Село и Василево, Никола Андонов и Марјан Јанев истакнаа дека со овој проект уште повеќе ќе се доближат до граѓаните, бидејќи дел од граѓаните ја имаат оваа потреба .
-Овој проект е од големо значење за општина Ново Село, бидејќи ние како општина имаме стара популација и затоа помошта од вас ќе биде од голема корист. Ние имаме обучено 9 луѓе, кои ќе им помагаат на 18 стари лица на кои им треба помош. Со овој проект ќе се доближиме повеќе до граѓаните, бидејќи граѓаните ја имаат таа потреба. Ви порачувам да се однесувате многу одговорно за луѓето да бидат задоволни. Благодарен сум на Општинската организација на Црвен крст Струмица кои заедно со нас како партнери го реализираме овој проект и се надевам дека ќе продолжи соработката, рече градоначалникот Андонов.
-Општина Василево и порано имаше помали проекти за помош на повозрасните лица, но со проектот за подобрување на социјалните услуги веќед трасираме еден правец на континуирана и професионална помош на граѓаните. Во проектот во општина Василево се вклучени 5 лица, кои ќе даваат услуги на 10 корисници. наша цел како општина е да прераснеме во средина која ќе нуди квалитетна заштита на граѓаните, а со тоа и подобрување на усливите за живот, рече градоначалникот Јанев, кој исто така изрази голема благодарност до Црвен крст Струмица и Министерството за труд и социјална политика.
Негувателката Николина Стојкова од село Старо Коњарево,Општина Ново Село, вели дека научила многу нови работи и е целосно обучена за да им помага на старите и лица со попреченост.
-Кај нас луѓето се во голем дел во странство, а останаа повозрасни на кои им треба помош од негуватели, рече Стојкова.
Денешниот настан заврши со заедничка фотографија и желби за успешна работа на негувателите за општините Ново Село и Василево.