Радовишанец со „пасат“ удрил во малолетен пешак по што побегнал
Се инсталираат фотонапонски централи предвидени по проектот „Енергетски ефикасен регион“
Во Радовиш се одржа вториот промотивен настан по проектот “Енергетски ефикасен регион”, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а е финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и од Швајцарската Влада, а со сопствени средства учествуваат и општините Радовиш, Конче и Василево.
На настанот на кој присуствуваше министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, градоначалниците на општините Радовиш и Конче, директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и претставници од проектната канцеларија на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” беа претставени досегашните реализирани активности.
Со имплементацијата на проектот, од една страна општините Радовиш, Конче и Василево ќе имаат голем бенефит во однос на заштеда на потрошувачка на електрична енергија, а од друга страна корист ќе имаат и граѓаните при што ќе се зголемат средствата за инвестирање во инфраструктурни проекти кои ќе водат кон зголемен економски развој.
–Се надевам дека сите национални и меѓународни институции ќе ги препознаат придобивките од овие проекти и ќе финансираат други вакви проекти во иднина, со што ќе се овозможи полесно функционирање и полесна одржливост на општините и општинските институции во регионот, истакна директорот на Центарот, Камчев.
Се очекува до крајот на месец ноември оваа година, комплетно да бидат поставени фотонапонските централи на двата објекти во Радовиш, по што ќе следи и изработка на софтвер за мониторинг на енергија, а планирани се и обуки за користење на системот, наменети за претставници од трите партнерски општини.