СООПШТЕНИЕ ОД МИМ ПО ПОВОД 3-ТИ МАЈ, СВЕТСКИОТ ДЕН НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Македонскиот институт за медиуми им го честита Светскиот ден на слободата на медиумите на сите новинари и редакции кои и изминатата година, и покрај вонредните услови за работа, продолжија неуморно да работат и секојдневно да ги информираат граѓаните применувајќи ги највисоките професионални и етички стандарди и грижејќи се тие да добијат квалитетна и проверена информација.
На 3-ти Мај го одбележуваме денот кога медиумската заедница и сите граѓани треба да бидат особено гласни и настојчиви во барањето повеќе слобода, поголеми права, подобра безбедност и услови за работа на новинарите, бидејќи тоа се неопходни предуслови за квалитетно извршување на новинарската работа и практикување на слободата на изразување.
Новинарството е јавно добро и за него треба да се грижат сите – властите, политичарите, државните институции, граѓанското општество, академската заедница и сите граѓани. Впрочем, пандемијата со ковид-19 најилустративно ни покажа дека точната и проверена информација може буквално да спаси живот.
Без професионални новинарство и слободни медиуми не може да има демократијата, мир, просперитет и развој на ниту едно општество!
За жал, оваа благородна професија во глобални рамки се соочува со невидени предизвици и проблеми, кои го доведуваат под знак прашање нејзиниот опстанок во буквална смисла на зборот.
Последниот извештај на УНЕСКО што ги детектира светските трендови во поглед на слободата на изразување и развојот на медиумите укажува токму на таа опасност и предупредува дека во изминатите 5 години, 85% од светската популација се соочува со пад на слободата на медиумите во сопствената земја. На оваа листа сега се наоѓаат и високо развиени држави со долга демократска традиција и слободни медиуми.
Најголемите предизвици се детектираат во областите безбедност на новинарите, вклучително и нивната онлајн безбедност, кадешто под најголем ризик се новинарките, потоа слободата на изразување и медиумските слободи, кадешто се опфатени законите, правилата и прописите што се однесуваат или влијаат врз оваа сфера, како и економската одржливост на медиумите, која како резултат на огромното влијание на социјалните мрежи врз пазарот на огласување, од корен ги промени бизнис моделите и начинот на финансирање на медиумите.
Овие глобални предизвици се евидентно присутни и во нашата медиумска средина. За жал, мора да констатираме дека нашето општество, а пред сè политичките елити, како креатори на политиките во оваа сфера, на медиумите и на новинарството сè уште гледаат како на алатки за освојување и одржување на власта, наместо да им дозволат да ја извршуваат својата природна улога – да бидат инструмент за еманципација на граѓаните и поттик на демократскиот и економскиот развој на општеството.
Потребен е, не само декларативен, туку проактивен и суштински ангажман на сите релевантни чинители за да се адресираат бројните проблеми, но и да се постават приоритети за долгорочен развој на медиумската сфера. Неопходни се натпартиски, транспарентни, инклузивни и модерни медиумски политики што ќе ги земат предвид новите трендови и стандарди на европско ниво во оваа сфера, како и спецификите на нашиот медиумски пазар.
Македонскиот институт за медиуми се приклучува кон меѓународното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите од страна на УНЕСКО под мотото „Новинарството под дигитална опсада“, со кое повикува на поголема заштита на слободата на изразување, безбедноста на новинарите, пристапот до информации и заштитата на приватноста во дигиталната ера.