„Струмица опен фестивал 2025 “ од 15 јули до 13 август

 „Струмица опен фестивал 2025 “ од 15 јули до 13 август

Од утре 15 јули па до 13 август ќе се одржи 14-то издание на традиционалната летна манифестација Струмица Опен Фестивал 2025 под мотото „Мозаик од емоции“. На прес конференцијата којашто се одржа денеска беше претставена програмата која и ова лето ќе ја исполни Струмица со музика, уметност и култура за сите генерации.

Основач и организатор на фестивалот е Здружението Културен забавен Живот – КЗЖ, а се одржува под покровителство на општина Струмица и ќе понуди 10 различни фестивалски вечери.

-Првите седум вечери ќе бидат претставени како културни настани – фолклор, поезија, книжевни работилници, театарски претстави, афоризми, читања на отворено и ретроспектива на старите времиња, со што ќе се поттикне широка културна разноликост и интеркултурен дијалог.Последните три фестивалски вечери ќе бидат главните музички вечери, со настапи на Летната школа за гитара под менторство на професор Васко Пиличев и многу други македонски уметници и групи како што се Битолски камерен оркестар со проектот MTV, Тамара Тодевска, Каролина Гочева и многу други. Сето ова е посветено на промоцијата на македонските уметници и култура.Особено е важно да потенцираме дека на фестивалот ќе учествуваат само македонски изведувачи, со што ја нагласуваме важноста од афирмирање на домашната сцена и култура.Оваа иницијатива е повеќе од фестивал – тоа е платформа за емоции, насмевки и културни наслади. Ги каниме сите да ни се придружат и да бидат дел од овој богат мозаик на емоции што го носи Струмица Опен Фестивал 2025, рече на денешната прес конференција Елена Маѓеровска Паликарова заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.

Традиционалната школа за гитара во рамките на СОФ од оваа година ќе го носи името на трагично загинатиот млад музичар во пожарот во Кочани, струмичанецот Џоко Ѓоргиев.

Share via
Copy link