fbpx

ТИВЕРИОПОЛСКА ФИЛМСКА ВЕЧЕР СО ИЦЕ ВИРАНОВ️

 ТИВЕРИОПОЛСКА ФИЛМСКА ВЕЧЕР СО ИЦЕ ВИРАНОВ️

На 29 мај (среда), со почеток од 20 часот, во малата сала во НУЦК „Антон Панов“, ќе се одржи Тивериополска филмска вечер со проекција во чест на авторот Ице Виранов. Овој омаж е составен од три исклучителни кратки филмови кои ги потпишува Виранов.

„Зевање“ од 2013 г., под мотото „животот накратко“, е негов прв авторски анимиран филм, кој досега е прикажан на „Астерфест“ и на „Анимакс“, но и во Полска, како и во други земји. Тоа е кратка клип-арт анимација чиј илустратор е Никола Маглешев, соработник Иван Ѓоргиевски, копродуценти се Александар и Филип Пауновски, а продуцент е Коста Виранов. Во овој филм, се чини, животот поминува како едно утринско проѕевање. Филмот трае една и пол минута.

Десетминутниот краток игран филм „(Не)нормален“ од 2014 г. е уште еден авторски филм на Ице Виранов реализиран целосно самостојно, во соработка со група млади македонски филмски творци: организатор е Борјан Тилевски, технички продуцент Александар Пауновски, продукциски дизајнер Никола Маглешев, снимател Тане Коџабашиев, дизајнер на звук Иван Ѓорѓиевски, автор на музиката е Петар Ташев, костимограф Ванчо Василев, монтажер е самиот Виранов, а плакатот е на Марјан Ѕин. Во него играат: Коста Ангов, Васил Михаил, Марија Челебиева, а како духовна инспирација на сценаристот и режисер Виранов му се мотиви од Чарлс Буковски и Муза Павлова. Во „(Не)нормален“ авторот интересно опишува еден обичен ден во кој треба да се заврши навидум сосема нормална и лесна работа. Филмот е прикажан на „Скопје филм фестивал“, а патуваше и на низа други фестивали и ревии.

Оваа вечер посветена на независниот авторски филм, струмичани ќе имаат прилика ексклузивно да го видат и македонскиот полчасовен документарец „Лука“, во режијa и монтажа на Ице Виранов, по сценарио на Џејд Бинева. „Лука“ е краток документарец од 2023 г. што го прикажува животот на група млади музичари од Струмица, кои во кризни времиња за опстојување на алтернативната културна сцена се борат да најдат начини за изразување на својата музичка креативност и иновативност. Директор на фотографија е Столе Ангелов, камерата е на Иво Јанков, музиката на Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров, а продуценти се Никола Пијанманов и Васил Михаил, со Здружението за култура „Транзен“. Филмот се прикажуваше на „Македокс“, на глобалната мрежа Лифт-оф, беше на репертоарот на Кинотеката на Македонија, доби Специјална награда на фестивал во Чеџу, Јужна Кореја, а ја понесе и Специјалната награда од меѓународното жири на „Астерфест“ за придонес во разоткривањето на ефектите од алтернативниот уметнички креативен пристап во однос на конвенционалниот живот.

Ице Виранов е роден во 1983 година, во Струмица. Дипломира филмска и ТВ-режија во класата на Румјана Петкова на Универзитетот „Неофит Рилски“ во Благоевград, со краткиот филм „Момчето кое спие до пладне“. Успешно работи како режисер и аниматор во видеоспотови, реклами и филмски и ТВ-проекти.

Неговите филмски проекти „Зевање“, „(Не)нормален“ и „Лука“ за првпат беа прикажани токму на „Астерфест“ во изминатата деценија, а ова заокружување на творештвото на Ице Виранов е дел од загревањето за претстојното издание на „Астерфест“, кое ќе се одржи под мотото „Кинореалност ‘24“.

Share via
Copy link